Заменик претседателот на партијата Ардијан Џини изјави дека постојат иницијативи Харадинај да биде кандидат за претседател.
Според него, можни се нови околности околу прашањето за избор на претседател, дури и ако не биде потврдено обвинението против актуелниот претседател Хашим Тачи.
„Сите се надеваме дека обвинението нема да биде потврдено, но сепак за четири или пет месеци мораме да влеземе во процесот на избор на претседател“, кажа Џини.
Харадинај на Фејсбук потврди дека тој може да биде кандидат за претседател.
„Верувам дека ќе бидам кандидат за претседател, ако за тоа се расправа врз основа на уставот, тоа го сметам за голема одговорност и особена чест“, напиша Харадинај на социјалната мрежа.
Партнерите во владејачката коалиција на Косово, Алијансата за иднина на Косово и Демократскиот сојуз на Косово не се договориле за позицијата претседател, откако на Тачи ќе му истече мандатот на пролет 2021 година.
Специјалното обвинителство во Хаг на крајот на јуни соопшти дека на 24 април е поднесено на потврдување обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото против косовскиот претседател Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово Кадри Весељи и други поранешни припадници на УЧК.
Тачи наведе дека, ако обвинението против него биде потврдено, ќе поднесе оставка на функцијата претседател.