Пред Конференцијата на ООН за климатските промени

Гутереш: Мора да ја прекинеме нашата војна против планетата

Човештвото треба да ја прекине својата војна со природата, рече генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш пред почетокот на Конференцијата за климатски промени на ООН (ЦОП25) во Мадрид.

Шефот на ООН рече дека извештајот на Организацијата што треба да биде објавен за неколку дена потврдува дека последниве пет години се најтопли во историјата, а 2019 најверојатно ќе биде втората најтопла година.

„Уништувачкото влијание на глобалното затоплување, кое го загрозува човештвото, е возвратен напад од Природата, која ние ја напаѓаме“, предупреди шефот на ООН денеска пред клучната конференција за климата.

„Со децении човековиот род е во војна против планетата и сега планетата го возвраќа ударот. Треба да ја прекинеме нашата војна против природата, а науката ни вели дека можеме да го сториме тоа“, им рече Гутереш на новинарите.

Тој ги осуди „крајно несоодветните“ заложби што земјите од светот ги презедоа за да ги намалат емисиите на стакленички гасови и рече дека точката по која нема враќање веќе не е далеку зад хоризонтот.

„Катастрофите поврзани со климата стануваат сè почести, посмртоносни, подеструктивни“, рече Гутереш денеска пред новинарите во Мадрид и додаде дека светот има научно знаење и техничка способност да го задржи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен, колку што е утврдено со Парискиот договор за климата, но дека „нема политичка волја“.

Секоја година, загадувањето на воздухот поврзано со климатските промени убива седум милиони луѓе, истакна тој, додавајќи дека човековото здравје и безбедноста на храната се изложени на ризик.

Коментарите на шефот на ООН беа јасно насочени кон неколку земји одговорни за повеќе од половина од глобалните емисии на стакленички гасови, иако тој не ги именуваше.

Претседателот Доналд Трамп го активираше процесот со кој Соединетите Држави треба да се повлечат од Парискиот договор до крајот на годинава, а другите големи емитувачи - Кина, Индија, Русија и Бразил - дадоа штури знаци дека ќе ги продлабочат своите обврски.

Гутереш ја издвои Европската Унија како фактор што игра конструктивна улога, велејќи дека блокот со 28 држави може да помогне на патот кон глобална економија без фосилни горива до 2050 година.

Говорејќи пред утрешната двонеделна меѓународна конференција за климата во Мадрид, Гутереш објави дека новиот специјален пратеник за климатско дејствување и финансирање на климата ќе биде гувернерот во заминување на Банката на Англија, Марк Карни.

Македонија од своето осамостојување постојано е на листата држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат во Обединетото кралство. 

повеќе

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

повеќе