„Штетата е непроценлива“

Густ чад се извива над Атина, додека предградијата се борат со пожари (ФОТО+ВИДЕО)

Авиони со водени бомби, хеликоптери и стотици пожарникари продолжуваат да ги гасат пожарите во Грција. Десетици домови беа евакуирани во северна Атина во вторникот попладне, бидејќи шумскиот пожар што почна порано во шумата во близина на предградието Варибоби излезе од контрола и се прошири на три нови фронта во услови на суша предизвикана од најлошиот топлински бран каков што Грција не доживеала со децении.

Фото: ЕПА

Повеќе од 500 пожарникари ја поминаа ноќта борејќи се со огромен шумски пожар во северните предградија на Атина, кој ги уништи куќите и се прошири од почетната точка во Варибоби на другите населени места во таа област.

Откако совлада три населби во вторникот вечерта, пожарот во раните утрински часови стигна до предградието Крионери и сега, наводно, е упатен кон Татои, парк и историско место на летната палата на поранешното кралско семејство и на неколку манастири.

Противпожарната бригада соопшти дека седум авиони за фрлање вода, пет хеликоптери, 70 противпожарни возила и повеќе од 500 пожарникари се борат со пламените јазици во областа.

Армијата, полицијата, општинските работници и десетици доброволци исто така се мобилизирани.

Пожарот во вторникот се прошири во подножјето на планината Парнита, 30 километри северно од Атина, уништувајќи десетици куќи и обвивајќи го градот со густ чад. Напорите за гаснење пожар продолжија и во средата наутро.

Противпожарната служба соопшти дека околу 300 луѓе морало да бидат евакуирани поради пламенот што се приближувал. Полицијата објави дека им помогнала на 70 луѓе да избегаат од домовите загрозени од пожар.

„Штетата е непроценлива“, рече градоначалникот на Ахарнес, Спирос Вретос, во средата наутро за телевизијата Скаи, зборувајќи за општинската област на која ѝ припаѓа Варибоби.

Тој рече дека пожарот е локализиран во Варибоби, предградие со стотици викендички, детски летен камп, центри за јавање коњи, таверни и кафулиња.

„Секаде има пепел, страшно е. Десетици хектари борова шума се срамнети со земја, десетици куќи се целосно уништени“, додаде тој, велејќи дека општинската власт денеска ќе почне со евидентирање на штетата.

Заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас во вторникот рече дека во земјата има 40 активни пожари.

Покрај Грција, екстремното време разгоре смртоносни пожари и во Турција, како и пожари во Албанија, Италија и низ целиот регион.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе