Гринпис слави 50 години

Половина век откако мала група радикали го основаа Гринпис, лидерката на таа глобална организација за заштита на околината предупреди дека уште многу повеќе треба да се направи за климата пред навистина да може да се слави.

Фото: ЕПА

Основан на 15 септември 1971 година, кога истоимениот брод се обиде да запре американски нуклеарен тест, Гринпис стана една од најпознатите активистички групи во светот благодарение на акциите со кои честопати стигнуваа до насловните страници.

Но, педесеттиот роденден на организацијата најверојатно ќе биде скромно обележан, изјави за АФП Џенифер Морган, извршна директорка на Гринпис.

„Сега немаме што многу да славиме. Се наоѓаме во климатска криза“, рече Морган во интервју во седиштето на организацијата од предградието на Амстердам.

Морган рече дека е „длабоко загрижена“ дека одговорот на светот на кризата на важниот климатски самит ЦОП26 во Глазгов во октомври нема да биде доволен: „Со оглед на сè што направивме во овие 50 години, сега мораме да ги здружиме силите и да ги насочиме кон апсолутно радикална и длабока промена. Времето истекува“.

Приказната за Гринпис започна идеалистички, иако неуспешно, со првото испловување од Ванкувер.

Обидот на бродот на Гринпис да го запре нуклеарниот тест на брегот кај Алјаска беше прекинат со интервенција од полицијата.

Оттогаш, организацијата меѓу своите постигнувања ги вклучува придонесите за запирање на комерцијалниот лов на китови, акции против компании кои експлоатираат фосилни горива, борба за запирање на илегалното фрлање токсичен отпад и заштита на Антарктикот, рече Морган.

Опкружена со спомени од историјата на Гринпис, вклучително и шарени постери и бродска врата што руските власти ја удирале во 2013 година, Морган рече дека основните принципи на организацијата останале исти до денес.

„Гринпис беше започнат како идеја дека поединци со идеја и малку надеж можат да го променат светот“, рече Морган, која го презеде кормилото на организацијата во 2016 година.

„Мислам дека за 50 години Гринпис постигна чудесни работи“.

Освен триумфот, имаше и трагедии.

Во 1985 година, француската тајна служба го бомбардираше најпознатиот брод на Гринпис, Рејнбоу вориор, додека беше во пристаниште во Окленд, Нов Зеланд. При тоа загина португалскиот фотограф Фернандо Переира.

Гринпис од своите почетоци силно нарасна и сега има 3.500 вработени во 55 земји, речиси колку и некои мултинационалните компании што му се мета.

Но, Морган инсистира дека и понатаму се „радикални“ и покрај појавата на помлади конкуренти, како што е организацијата Екстиншн ребелион, која привлече големо внимание со своите акции како блокади на патишта и мостови и активисти залепени за згради.

Морган рече дека Гринпис сега повеќе соработува со други организации за заштита на околината и домородните народи, што според неа требало да го прават и почесто.

Ќе биде и на самитот ЦОП26, што го смета за „клучен момент за планетата“ и се плаши дека државите нема да го искористат.

„Длабоко сум загрижена, сега гледам дека владите постапуваат речиси како да сме се вратиле во 1980-тите во однос на нивото на итност за климата“, рече таа.

Таа повика самитот да се одложи доколку земјите во развој не можат да учествуваат поради недостаток на вакцини против ковид-19.

Гринпис за својот роденден планираше помали прослави во канцелариите ширум светот во четврток.

На прославата во Германија во август, канцеларката Ангела Меркел го пофали Гринпис како „упорна, борбена, непоколеблива и убедлива“ организација.

„Мислам дека целта треба да биде Гринпис повеќе да не постои“, рече Морган.

Но, претпоставувајќи дека ги чекаат уште битки, Морган се надева дека Гринпис со своето делување ќе придонесе светот да направи пресврт во борбата со климатските промени и да разбуди надеж.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе