154 гласови за

Грција: Пратениците одобрија закон потребен за формален излез од кризата

Грчките пратеници денеска го одобрија последниот од серијата закони за финансиски промени кои се наложени од странските доверители на Грција, со приближувањето на крајот на договорот за меѓународна финансиска помош.

Пратениците, со 154 од 300 гласови во парламентот, одобрија закон кој донесува низа промени од намалување на пензии до здравствената заштита и даночни реформи.

За време на парламентарната дебата пред гласањето, околу 3.000 демонстранти протестирале во Атина.

Законот е последен чекор на Грција пред состанокот за следната недела на министрите за финансии од еврозоната на 19 земји, каде што Грција и нејзините кредитори треба да прогласат дека таа конечно излегла од финансиската криза и дека третиот договор за помош поволно завршил.

Третиот и последен пакет на финансиска помош истекува на 20 август, по осум години потпирање на итни заеми од меѓународни доверители. Во замена за примените средства, добиени воглавно од другите земји на еврозоната и од Меѓународниот монетарен фонд, Грција во текот на годините морала да спроведе неколку длабоки намалувања на трошоците, структурни реформи и приватизација. Нејзината економија е под строг надзор, а кредиторите доаѓаат во редовна контрола.

Денешната седница на Собранието била од историски карактер.

„По осум години гласаме за последните мерки после последната контрола“, рече премиерот Алексис Ципрас во парламентот. „Ги почитувавме нашите обврски, кредибилитетот на земјата е вратен и Грција во август завршува (со договор за помош)“.

Секој пакет на нови мерки на штедење е проследен со демонстрации и штрајкови во Грција, чија економска активност е опадната за околу една четвртина од почетокот на финансиската криза во 2009 година.

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис, кој денеска се состанал со Ципрас во Атина, рече дека доверителите работеле на постигнување конечен договор за излез од пакетот помош на состанокот на министрите за финансии на 21 јуни.

„За два месеци Грција ќе заврши со програмата“, рече Домбровскис.„Тоа ќе биде деликатна, но совршено остварлива работа, под услов сите страни да покажат посветеност и одговорно да дејствуваат“.

Кога ќе истече договорот за помош, Грција ќе мора да се финансира преку задолжување на меѓународниот пазар на обврзници. Таа долго време барала олеснувања од товарот на заемите кои таа мора да им ги врати на доверителите, главно на држави од еврозоната.

„Мора да се постигне некој договор за долгот“, рече Домбровскис. „Тие мерки би биле важни за да се обезбеди постепено враќање на Грција на пазарот“.

Тој, исто така, истакна дека Грција мора да „остане на линија на реформите“ со цел да обезбеди економски раст.

Грчката влада се обврзала да продолжи со реформите и по завршувањето на странската финансиска помош, но се спротивставила на идејата која некои, вклучувајќи ја и нејзината централна банка, сакале да ја спроведе преку земање на т.н. „кредитна линија на претпазливост“ - резервен заем што би можел да се користи додека излегува на меѓународниот пазар на обврзници.

Оваа кредитна линија најверојатно би вклучувала и дополнителни строги мерки за штедење на државата и построг меѓународен надзор, што би ја направило политички непопуларна. Наместо тоа, владата инсистирала на „чист излез“ од пакетот помош - одеднаш и без какви било мерки за надворешен надзор.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе