Грција повторно ги отвори пристаништата за крузерите

Грција денес ги отвори шесте главни пристаништа за крузерите, за првпат во оваа туристичка сезона погодена од пандемијата на новиот коронавирус, но првите бродови се очекуваат дури за три недели.

EPA-EFE

Во писмото кое неделава на меѓународното здружени на крузери и трите главни оператори за крстосувања им го упатил грчкиот министер за туризам Хари Теохарис се наведува дека пристаништата Пиреј, Родос, Хераклион, Волос, Крф и Катаколон се спремни повторно да примаат патници од бродовите за крстосување.

Откако ќе се вкотват во едно од наведените пристаништа, крузерите ќе може да влегуваат и на други места во Грција, во согласност со локалните правила поврзани со пандемијаа.

Крузерите, како што соопшти министерот за поморски сообраќај Јанис Пјакиотакис, ќе може да влегуваат во грчките пристаништа од 20 август.

Бидејќи туризмот сочинува четвртина од нејзината економија, Грција се обидува да го заживее тој сектор, истакнувајќи дека земјата успеала добро да се носи со пандемијата.

Во Грција, која има 10,5 милиони жители, досега се забележани речиси 4.500 случаи на зараза, додека од ковид-19 умреа 206 луѓе.

Земјата своите копнени граници ги отвори во јуни, а на 1 јули ги отвори и аеродромите, главно за летови од Европа.

Од тогаш од 1,3 милиони туристи кои влегоа во земјата околу 340 биле позитивни на ковид-19.

Грција во сузбивањето на пандемијата денес ги заостри епидемиолошките мерки и воведе задолжително носење маски во сите затворени јавни простори, посети на болниците и старечките домови се дозволени само во исклучителни случаи, а во кафичите може да има онолку луѓе колку што има столчиња.

Гостите кои стојат, дури и ако се надвор, не смеат да се послужуваат, а казната за непочитување на донесените мерки изнесува 150 евра.

Полицијата проверува дали се придржуваат луѓето до мерките и ги контролираат рестораните и јавниот превоз.

Вчера во Грција беа забележани 78 нови случаи на зараза.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе