Одлуката на грчката влада на државјаните на трети земји, освен државите од Европската Унија и Шенген зоната, да им се забрани влез во Грција за да се намали ширењето на заразата со коронавирусот, е продолжена до 14 декември.
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана овозможен е влез на грчка територија само преку Бугарија, односно преку грчко-бугарскиот премин Промахонас-Кулата и тоа со негативен тест за ковид-19 не постар од 72 часа. Останатите гранични премини, како Евзони со Македонија, Какавија со Албанија и Кипи со Турција, остануваат отворени само за одредена категорија и тоа исто така со негативен ПЦР тест.
Забраната не важи за грчките државјани, за лицата кои имаат дозвола за престој во Грција, за лицата кои живеат во Грција, за влез на лица поради неопходни професионални или медицински причини кои имаат специјални документи, како и за возилата кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција кои припаѓаат на дипломатскиот, воен и административен персонал на земјите членки на ЕУ.
Од забраната се изземени државјаните на земјите членки на ЕУ, на Шенген зоната, како и државјаните на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур.