Министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос во своето излагање во парламентот ги повика сите партии да гласаат за предлог-законот, за да се „испрати силен сигнал во секоја насока дека Грција е решена да ги заштити своите суверени права, да се соочи со секоја провокација и безбедносна закана во поширокиот регион“.
Грција ќе набави шест нови и 12 половни воени авиони, а трошоците за таа набавка изнесуваат 2,49 милијарди евра.
Освен набавката, цената ги вклучува и трошоците за одржување, како и набавка на опрема за оружјето на авионите.
Како што јавуваат грчките медиуми, на крајот на месецот во Атина ќе биде потпишан договорот за авионите со министерката за одбрана на Франција Флоренс Парле.
Првите шест авиони треба да стигнат во период од шест месеци по потпишувањето на договорот, односно секој месец по еден авион.