Грчкиот парламент има десетина часа за усвојување на пакетот реформи

Грчкиот парламент денес треба да го усвои пакетот реформи што се предуслов за почетокот на преговорите за третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција, јавуваат агенциите.

Седницата на парламентот почнала во 10 часот утринава, што значи дека целиот процес на усвојувањето на пакетот закони мора да се заврши во рок од десетина часа, пренесува грчката новинска агенција АНА.

Законските предлози за промените на низа даноци како и пензискиот систем, кои треба да донесат пораст на буџетските приходи од 3,175 милијарди евра годишно, ги претставил новиот грчки министер за финансии Еуклид Цакалотос.

Грчките власти проценуваат дека најголемиот приход ќе го донесе зголемувањето на ДДВ-то, вкупно 2,39 милијарди евра годишно, а останатиот дел од очекуваните буџетски приходи би дошол од зголемувањето на данокот на осигурување, данокот на профит, данокот на луксузна стока, на бродовите подолги од пет метри, како и помоќните моторни возила, но и од дополнителните даноци за оние со примања поголеми од 30.000 евра годишно.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас порачал синоќа дека договорот постигнат со лидерите на еврозоната мора да се спроведе макар и станувало збор за едностран потег на Грција. Тој порачал дека договорот, иако наметнат, мора да се спроведе бидејќи ја спасува Грција од напуштање на еврозоната.

„Целосно ја преземам одговорноста, за грешките и за одговорноста за потпишувањето на договорот во кој не верувам иако сум обврзан да го спроведам“, изјавил Ципрас на државната телевизија.

Тој додал дека се борел против намалувањето на платите и пензиите и порачал дека договорените зголемувања на даноците се помали од оние на кои се согласиле претходните грчки влади.

Ципрас, кој е соочен и со силен отпор во сопствената партија Сириза кажал дека Грција мора да спроведе фискална реформа и додал дека нема намера поради постигнатиот договор да поднесе оставка.

„Нема да бегам од одговорноста и ќе се обидам да ја спроведам својата политичка програма во тек на четири години“, кажал тој. „Болната вистина е дека ова за Грција е еднонасочна улица која мора да се помине“.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека тесно мнозинство од Грците сметаат дека постигнатиот договор е позитивен. Според анкетата која вчера ја објавил весникот То вима 51,5 отсто од Грците веруваат дека договорот постигнат со кредиторите е позитивен, а уште поголем број веруваат дека парламентот треба да го потврди.

Дури 72 отсто веруваат дека нема алтернатива на договорот со меѓународните кредитори.

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе