Атина

Грчки свештеник: „Нешто не е во ред со нашата црква“

Православен свештеник од островот Крит повикан е да одговара пред црковните власти затоа што побарал причестувањето да се извршува со повеќе лажици, а не само со една.

Фото: Јутјуб

На веб-страницата на атинскиот дневник „Ефимерида тон синтактон“ (EFSYN), денес беше пренесена неговата изјава дека верува дека „нешто не е во ред со нашата црква“.

„Ќе се бранам како што знам и нема да одговорам со лажна понизност“, рече свештеникот Хараламбос Копанакис од Крит, кој е повикан пред црковните власти затоа што, за да ги заштити верниците среде пандемијата, рекол: опасно е да се даде причест на сите со иста лажица, и тоа треба да се смени во сите цркви во Грција.

Во последните неколку дена, 44-годишниот свештеник бил мета на напади на екстремни црковни кругови кои ја „бараат неговата глава“ - да биде заменет од митрополитот на Гортина и Аркадија, Макариос, под чија надлежност се наоѓа.

Во текстот објавен на социјалните мрежи на 19 мај, свештеникот од Крит, меѓу другото, напишал: „Во времето кога беше воведена употребата на иста лажица за сите, последното нешто што луѓето можеле да го претпостават е можноста за пренесување на болести“.

Треба да се има во предвид, продолжи Копанакис, „дека до пред еден век не бевме свесни за придобивките од миењето на рацете како основно средство за заштита на здравјето“.

Затоа, заклучува тој, одлуката на црквата да користи иста лажица за причестување на сите верници, „не е донесена врз основа на здравствени критериуми, туку исклучиво од практични причини“.

Во текстот на социјалните мрежи, тој заклучува дека „луѓето се држат до формата, губејќи ја суштината“, иако теологијата ги учи свештениците дека Исус Христос дал „одлична основа за разликување на формата и суштината: Суштината на христијанството е верниците да учествуваат во чинот на заедничко богослужење, со леб и вино, а начинот на кој тоа ќе се направи е безначаен“.

Во истиот текст, свештеникот напишал дека „е навредливо тврдењето дека со причеста не се пренесуваат болести“.

Таквото тврдење е „како да речеме дека оние што се венчаат во црквата, никогаш нема да се разведат, или дека оние што се крстени, никогаш нема да згрешат“, свештеникот Хараламбос напишал меѓу другото.

Неговиот текст предизвика огромен одзив, пишува весникот, а десетици верници го поздравиле неговиот став, но исто така предизвикал и лути напади од други. Митрополитот Макариос со писмо го повикал да дојде и да се изјасни за тоа што го напишал, барајќи од него јавно да го демантира својот текст.

„Секако дека нема да го поречам“, рече за ЕФСИН поп Хараламбос, кој подготви нов текст за поддршка на своите ставови, и како што изјави тој, „нека му пресудат митрополитот и верниците на неговата парохија“.

Тој рече дека Митрополитот Макариос бил под притисок од радикални, догматски црковни кругови. Ова се, рече Хараламбос, „екстремно фанатични луѓе“, кои се „рана“ за грчката православна црква, и долго време ги има во нејзините храмови ширум светот, а кои се поврзани со дел од црковното раководство „во спротивставување на оние кои изразуваат дури и некој поинаков став“ за што било.

Според весникот, овој релативно млад свештеник е многу омилен во неговото село Сокарас, во близина на градот Иракли, на Крит, каде што е роден и работи 24 години, а некое време служел и во канцеларијата на епархијата Гортина и Аркадија.

Весникот наведува дека сега, поради пандемијата, за прашањето за причеста се расправа во православните цркви низ целиот свет.

Митрополитот на австриската грчка православна црква, за заштита на верниците од зараза произлезе со стариот/нов начин на причест, каков што бил пред 14 век: лебот натопен во вино да им се даде во рака на верниците, а не на сите со иста лажица да им се дава во уста.

Во Германија заради пандемијата привремено е забрането причестувањето, а во САД парохија на грчката православна црква реши да употребува по една лажичка за секој верник, а потоа да ги дезинфицира лажичките во рерна.

„Меѓутоа, во Грција, оние што отстапуваат од догматските ставови, стануваат мета на фанатички напади“, заклучува весникот.

Легенда под Главна слика

Фото: Јутјуб

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе