Снимките докажуваат

Грчката полиција неоправдано нападнала собир од 30.000 левичари што ја поздравија одлуката за Златна зора (ВИДЕО)

Грчката полиција неоправдано нападнала собир од 30.000 луѓе во Атина, кои пред судот ја дочекаа и ја поздравија пресудата против функционерите на неонацистичката партија Златна зора, пишува атинскиот весник „Ефимерида тон синтактон“.

Фото: ЕПА

Со оваа пресуда без преседан, политичари од Златна зора, поранешни пратеници, во средата беа осудени како членови на криминална организација за систематско насилство врз странци, малцинства и неистомисленици и за групно убиство на левичар.

Атинскиот весник пишува дека полицијата без причина нападнала масовен собир на граѓанската левица ретко виден пред судот - од едниот до другиот крај на најголемиот булевар во Атина, врз основа на немонтирани снимки од две камери од наградуваниот грчки режисер на документарци Јоргос Авгеропулос.

Министерот за внатрешни работи Михалис Хрисохоидис, од владејачката конзервативна партија Неа демократиа, тврдеше дека полицијата интервенирала против десетици илјади луѓе дури откако „600 луѓе ги нападнале фрлајќи 150 молотови коктели“.

Сепак, видеото покажува нешто друго: дека нема „напад“, туку дека од мошне густа и мирна маса антифашисти што одобрувачки извикуваат за пресудата, во воздух се фрлени само неколку пластични шишиња со вода и пластични чаши од кафе - седум, колку што може да се избројат на снимката.

На тоа полицијата за разбивање толпи, очигледно подготвена за акција и засолнета зад колона автобуси паркирани браник до браник пред судот, со молскавична брзина одговара со солзавец и водени топови, предизвикувајќи хаос.

„На историскиот ден на прославата на демократијата, раководството на Министерството за цивилна заштита (внатрешни работи) се обиде да ја извалка антифашистичката победа“, пишува атинскиот весник.

„Дејствувајќи организирано и однапред планирано, тие го растурија величествениот собир пред Апелациониот суд, неколку секунди по пресудата против Златна зора“, се вели во написот, во кој се наведува бројноста на собирот, во повеќето медиуми преполовен на 15.000.

Документаристот и новинар Јоргос Авгеропулос во текстот со кој е придружено видеото ги прашува грчките власти: „Зарем не треба да одговараат за она што го зборуваат? Зарем не би требало да постои заштита на општеството од лажните вести што доаѓаат како што ќе им се присака“ и истакна дека е „нужно да се запре реториката на ‘трампизмот’, кој ја отру планетата“.

„Не може секој да зборува што сака, особено кога има јавна функција и зборува јавно. Не може секој да каже што ќе посака, особено за ваков важен политички настан на јавно место, со илјадници очевидци и стотици камери“, истакна овој режисер на документарци и оцени дека осудата на Златна зора е историска одлука за Грција и за Европа.

Авгеропулос напиша дека „живееме во време кога (американскиот претседател Доналд) Трамп најдрско лансираше ‘школа’ според која од позиција на моќ се кажува сè што ќе падне на памет, без никакви докази или со неточни податоци, со што лагата се претставува како вистина, што го имитираат владини претставници низ целиот свет“.

Реакцијата на полицијата на шишенца со вода и чашки за кафе „беше таа што го покрена судирот. Тоа беше непропорционална, пречувствителна и фобична реакција“, напиша тој.

Авгеропулос рече дека „се чинеше како силите на редот да бараат изговор да го растурат мирниот собир..., како некој да им вели на илјадниците демонстранти: „Во ред! Доста е, прославивте! Сега веднаш дома“, а на соопштението на министерот одговори со поговорката „На лагата ѝ се кратки нозете“.

Според триминутното видео, прославата на пресудата траела цели 42 секунди, а потоа луѓето биле растерани со солзавец и вода.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе