Пред Конгресот на САД

Говорот на Бајден полн со надеж: Америка повторно оди напред (ВИДЕО)

Доцна синоќа, во своето прво обраќање пред Конгресот, американскиот претседател Џозеф Бајден претстави слика за Америка што е повторно исправена по серијата тешки кризи, ја истакна својата желба за реформи и ги повика најбогатите да „го плаќаат својот праведен удел“, пренесоа американските медиуми.

Фото: ЕПА

„Америка повторно тргнува напред“, порача Бајден во почетокот на обраќањето пред членовите на Сенатот и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, по првите 100 дена на чело на земјата.

Тој исто така истакна дека ниту еден претходен претседател на САД не зборувал во, како што рече, историски околности во кои две жени - потпретседателката Камала Харис и спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, демократка, седеле зад него за време на обраќањето.

„Госпоѓо претседателке и госпоѓо потпретседателке, ниту еден претседател никогаш не ги кажал овие зборови на овој подиум. Крајно време беше“, рече Бајден.

Тој рече дека САД се во подем и дека ја избрале надежта - наспроти стравот.

„Америка беше во пожар кога ја презедов функцијата пред стотина дена. Усвоивме економски план и веќе ги гледаме резултатите што влијаат на заздравувањето на земјата”, рече Бајден.

Според него, 90 проценти од американските граѓани живеат на помалку од 8 километри од местата за вакцинација против ковид-19.

„Вакцинирајте се. Примете вакцина. Достапни се“, рече американскиот претседател и посочи дека реакцијата на државата на пандемијата, вклучително и вакцинацијата, е едно од најголемите логистички достигнувања во Америка.

Бајден истакна дека САД се натпреваруваат со Кина и другите земји за, како што рече, да го освојат дваесет и првиот век.

„Планот за спас на Америка ќе ни овозможи во 2021 да го преполовиме бројот на децата што живеат во сиромаштија. Во тој процес беа отворени 1,3 милион работни места во рок од 100 дена. Повеќе работни места отколку во првите сто дена од мандатот на кој било претседател“, посочи Бајден.

Тој го означи државниот план за вработување, кој го предложи претходно, како најважен од Втората светска војна.

„Ќе го искористиме за да замениме 100 отсто од цевките низ целата земја, за сите граѓани да имаат соодветна вода за пиење“, рече Бајден, додавајќи ги и плановите за борба против климатските промени.

Се заложи САД да го преземат приматот во производството на електрични автомобили, турбини и батерии - кои не ја загадуваат животната средина.

„Нема причина деловите за турбините да се произведуваат во Пекинг, а не во Питсбург“, рече американскиот претседател - опишувајќи ја потпретседателката Камала Харис како функционерот што ќе ги предводи иницијативите за создавање нови работни места.

Изнесе податок дека 20 милиони американски граѓани останале без работа за време на пандемијата - додека 650 милијардери заработиле вкупно илјада милијарди долари.

„Прелевањето во економијата никогаш не дало резултати. Треба да ја изградиме од крајот кон средината“, подвлече Бајден.

Американскиот претседател рече дека му рекол на кинескиот претседател Си Џинпинг дека сестрано ќе ги брани американските интереси - вклучително и глобалната економија.

„Му реков и дека ќе го одржиме силното воено присуство во Пацификот - како што тоа го правиме со Северноатлантскиот сојуз во Европа. Не за да почнеме конфликт - туку за да го спречиме“, истакна американскиот претседател.

Говорејќи за Русија - тој прецизираше дека директно и пропорционално одговорил на обидите на Русија да се меша во изборите одржани во 2020 година, како и на сајбер-нападите извршени во Америка.

Се осврна и на одлуката за повлекување на американските трупи од Авганистан, велејќи дека САД ќе продолжат да бидат претпазливи во врска со терористичките закани, без оглед од каде доаѓаат.

Во врска со проблемот со оруженото насилство во САД, кое последниве денови ги зафати државите Џорџија и Колорадо, Бајден истакна дека е потребно да се применат построги закони.

Побара од републиканците во Сенатот да им се придружат на демократите со цел да се отстранат недостатоците во законот што ја отежнуваат потемелната проверка на корисниците на оружје и поразорна муниција.

„Ќе сторам сѐ што е во моја моќ да ги заштитам граѓаните од пандемијата и оруженото насилство. Но потребно е и Конгресот да дејствува“, рече Бајден.

Од Конгресот побара и да донесе закони со кои ќе се регулира полициското постапување до првата годишнина од смртта на Џорџ Флојд, кој почина во притвор во мај, за што неодамна беше осуден бившиот полицаец во Минеаполис Дерек Шовин.

„Сите го видовме коленото на неправдата на вратот на црнечката Америка. Сега е моментот за вистински напредок“, рече Бајден.

Тој посочи дека сака да ја подобри американската миграциска политика - повикувајќи го Конгресот да донесе реформски закон со кој ќе се зголемат паричните давачки за поефикасна гранична контрола, но и за пат кон американското државјанство. Бајден повтори дека потпретседателката Харис ќе го предводи тимот на американската администрација што ќе се справува со причините за кризата на границата.

Американскиот претседател рече и дека САД требало да ги остават настрана поделбите - и да се обединат. Изнесе став дека автократите се обложуваат дека американската демократија ќе пропадне.

„Во претходните периоди кога нашата демократија беше во искушенија - Франклин Рузвелт нè потсети дека е потребно секој од нас да го изврши својот дел од работата. Тоа е сè што барам... Ајде сите да го сработиме својот дел. Ако го сториме тоа, ќе се соочиме со клучни предизвици и ќе докажеме дека демократијата е трајна и силна“, рече Бајден.

Тој се осврна и на упадот на приврзаниците на Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, во зградата на Конгресот - нарекувајќи го тоа мрачен ден во националната историја.

Своето обраќање го заврши со верба дека никогаш не бил посигурен по кој пат ќе оди земјата.

„Ние сме Соединетите Американски Држави. Не постои ништо, надвор од нашите можности, што не можеме да го сториме - ако работиме заедно“, заклучи претседателот Бајден во обраќањето пред членовите на Конгресот и американската јавност.

Говорот се одржа под строги безбедносни мерки - вклучително и ограда подигната околу зградата на Капитол откако приврзаниците на Трамп го нападнаа местото на 6 јануари оваа година. Обезбедувањето во Вашингтон по нападот беше малку ублажено, а оградата на Капитол Хил и другите привремени бариери надвор од комплексот на Белата куќа беа отстранети.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе