Големо откритие: Викинзите живееле во Северна Америка речиси 500 години пред Колумбо

Долго пред Колумбо да го премине Атлантикот, осум градби со дрвени рамки покриени со трева стоеле на ритче над тресетиштата и потоците на северниот врв на канадскиот остров Њуфаундленд, докажувајќи дека Викинзите први пристигнале во Новиот свет.

Фото: ЕПА

Но точниот момент кога Викинзите допатувале за да ја основаат населбата Ленси Медоуз (L'Anse aux Meadows) остана нејасен – сѐ досега.

Научниците вчера објавија дека новата техника на датирање, која како референтна точка ги користи древните сончеви бури, открила дека населбата постоела пред 1021 година и 471 година пред првото патување на Колумбо.

Техниката била употребена на три парчиња дрво исечени за населбата и сите резултати упатувале на истата година.

Повеќекратна пресвртница за човештвото

Патувањето на Викинзите претставува повеќекратна пресвртница за човештвото. Населбата ги нуди најстарите познати докази за прекуокеански премин.

Исто така, го означува местото каде што човекот го завршил кругот по Земјината топка откако илјадници години порано допешачил до Северна Америка преку копнениот мост што некогаш го поврзувал Сибир со Алјаска.

„Овие северни Европејци заслужуваат пофалба за тоа што се првото човечко општество што го преминало Атлантикот“, рече геонаучникот Мајкл Ди од Универзитетот Гронинген во Холандија, кој ја предводеше студијата чии резултати беа објавени во списанието Нејчр.

Викинзите биле морепловци со скандинавски татковини: Норвешка, Шведска и Данска.

Тргнале низ Европа, понекогаш колонизирајќи области, а понекогаш тргувајќи или напаѓајќи други области.

Поседувале извонредни бродоградителски и навигациски вештини и основале населби во Исланд и Гренланд.

„Мислам дека е фер патувањето да се опише како патување заради откривање, но и барање нови извори на суровини“, рече Ди.

„Многу археолози веруваат дека главната мотивација за нивната потрага по овие нови територии е откривањето нови извори на дрво. Генерално се верува дека тие го напуштиле Гренланд, каде што дрвото, погодно за градба, е исклучително ретко“, додаде тој.

Нивните дрвени пловила пловеле на едра и весла. Еден сочуван пример, наречен бродот Осеберг, е долг 21,6 метри.

Викиншката ера традиционално се дефинира како време од 793 до 1066 година, што претставува широк опсег на време за прекуокеански премин.

Вообичаеното радиокарбонско датирање - одредување на староста на органските материјали со мерење на содржината на радиоактивниот изотоп јаглерод - се покажа премногу неточно за да се одреди староста на Ленси Медоуз, откриена во 1960 година, иако постоеше генерално верување дека датира од 11 век.

Новиот метод на датирање се потпира на фактот дека сончевите бури создаваат препознатлива радиојаглеродна трага во прстените на годишниот раст на дрвото. Познато е дека во 992 година имало голема сончева бура - ерупција на високоенергетски вселенски зраци од Сонцето.

Во сите три испитани парчиња дрво, од три различни стебла, формирани се 29 прстени на раст по оној што ги носел доказите за соларната бура, што значи дека дрвјата биле исечени во 1021 година, рече археологот од Универзитетот Гронинген, Маргот Куитемс, авторка на студијата.

Дрвата не биле исечени од домородните жители бидејќи има докази за метални сечила што тие не ги поседувале, рече Ди.

Времетраењето на викиншката населба останува нејасно иако можеби траела една деценија или помалку, и можеби имало околу 100 Викинзи во населбата во даден момент, рече Ди.

Нивните градби личеле на нордиските згради на Гренланд и Исланд. Усните преданија наречени исландски саги го опишуваа присуството на Викинзите во Америка.

Напишани векови подоцна, тие опишуваат водач по име Леиф Ериксон и населба наречена Винланд, како и насилни и мирни односи со локалните народи, вклучително и фаќање робови.

Датумот 1021 година приближно одговара на сагите, рече Ди, додавајќи: „Значи, прашањето е, колку други саги за авантурите се вистинити?“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе