Огнот ноќеска ослабе, но сѐ уште не беше изгаснат неколку час по заедничката акција на цивилната заштита и воените хеликоптери.
Целото попладне небото над Бејрут беше прекриено со густ црн чад. Пожарот изби во магацин во кој се чувале канистри со масло, соопшти војската.
„Според првичните информации пожарот се разгорел при работа со електрична пила чии искри можеби го предизвикале пожарот“, кажа во соопштение министерот за сообраќај и јавна работа Мишел Наџар.
Вечерва Меѓународниот црвен крст соопшти дека во тој магацин се чувале „илјадници пакети храна и половина милион литри масло“.
„Нашата хуманитарна операција би можела да биде сериозно загрозена“, предупреди на Твитер директорот на Црвениот крст за Блискиот Исток Фабрицио Карбони.
Таа помош е исклучително важна поради тоа што, во време кога владее тешка економска криза, цели квартови се уништени, а стотици илјади луѓе ги загубија домовите откако на 4 август експлодира големо количество амониум нитрат кој бил чуван со години во пристаништето. Загинаа околу 200 луѓе, а 6.500 беа повредени.
Властите по несреќата беа на мета на критики поради слабата мобилизација, а на настраданите жители им помогнаа граѓанското општество и волонтери.
Експлозијата на 4 август дополнително ги разгневи граѓаните кои ионака беа незадоволни од владејачката гарнитура која речиси не се сменила со децении, а ја обвинуваат за корупција и неспособност.
Во Либан и од странство се бара да се спроведе меѓународна истрага. Многумина ги обвинуваат либанските лидери дека се одговорни за несреќата поради својата корумпираност и негрижа.