Околу 4.000 луѓе се собраа кај Триумфалната капија во Милано, каде што на собирот се обрати Роберт Кенеди Јуниор, внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди и познат противник на вакцинацијата.
Демонстрантите, меѓу другото, се спротивставија и на таканаречените зелени пропусници, кои пристап до одредени настани и места им овозможуваат само на оние што се вакцинирани, што оздравеле од инфекцијата или се тестирале. Некои, исто така, јасно го кажаа своето противење на вакцинацијата воопшто.
Министерството за внатрешни работи во текот на неделата одлучи дека протестите или треба да се одржуваат само на едно место или мора да се движат по одредена рута, па овие строги правила важеа и на митингот во Милано.
Саботните поворки поминуваа низ историските центри и ги попречуваа деловните активности. Во некои случаи имаше и судири со полицијата.
Околу 400 луѓе се собраа и на местото на античкиот римски хиподром Циркус максимус, соопштија локалните власти.
Голем број луѓе маршираа низ градот Торино во северна Италија, извикувајќи „Слобода“ и „Луѓето како нас никогаш не се откажуваат“.