Против ковид-19

Големи делови на Африка може неколку години да не добијат вакцина

Некои африкански земји може да не добијат доволно дози од вакцините против ковид-19 за да го достигнат имунитетот на стадо во наредните години, вели внатрешен извештај на иницијативата на Светската здравствена организација (СЗО) за координација на ширењето на вакцините.

Фото: ЕПА

Вакцинациите во Африка најверојатно нема да почнат до средината на 2021 година, според Центарот за контрола и превенција на болести во Африка. Може да бидат потребни години за да се обезбедат дозите потребни за имунизација на 60 проценти од 1,3 милијарди жители на континентот, прагот по кој може да се постигне имунитет на стадо.

За споредба, на 8 декември, Велика Британија, која купи доволно дози за да го вакцинира целото население трипати, стана првата земја што ја почна својата програма за вакцинација, користејќи ја вакцината против ковид-19 направена од фармацевтските компании Фајзер и Бионтек.

Скоро сите земји во Африка се пријавија за учество во КОВАКС-шемата, глобална иницијатива покрената од Светската здравствена организација во која нациите со високи примања ќе ги субвенционираат вакцините по максимална цена од 3 американски долари по доза. Таа има цел да испорача доволно дози до крајот на 2021 година за да заштити 20 проценти од населението во 92 земји со ниски и средни примања што се пријавиле за да добијат финансиска помош за пристап до вакцините, претежно во Африка, Азија и Америка.

Официјални лица во Јужна Африка, африканската земја со најмногу случаи на коронавирусот, соопштија дека земјата планира да вакцинира 10 проценти од 58 милиони жители преку посебен дел од програмата КОВАКС, преку кој 80 земји собираат средства за набавка на вакцини.

Во Кенија, африканската земја седма по број на случаи на коронавирусот, официјалните лица изјавија дека земјата планира да вакцинира 20% од 53 милиони жители преку шемата КОВАКС.

Плановите на КОВАКС, како за земјите што сами ги финансираат своите набавки на вакцини, така и за оние што бараат субвенции, во голема мера се состојат од поевтини вакцини што сè уште се во развој или сè уште не се на располагање, вели Њу саентист.

На пример, вакцината Санофи може да добие регулаторно одобрување до втората половина на 2021 година или подоцна, а вакцината создадена од АстраЗенека и Универзитетот во Оксфорд досега е одобрена само во Велика Британија, што се случи на 30 декември. Последнава вакцина ќе чини од 3 до 4 долари по доза и потребни се по две дози. Вакцините Фајзер/Бионтек и Модерна, кои се одобрени за употреба во некои земји, чинат околу 20 и 38 американски долари по доза, а за секоја од нив се потребни две дози.

Земјите вклучени во КОВАКС нема едноставно да ги користат вакцините затоа што КОВАКС или СЗО им дале одобрување, иако може да ги следат нивните совети. Секоја посебна земја сама ќе ја одобрува секоја вакцина.

„Одложувањата за добивање на вакцините за многу африкански земји се мошне загрижувачки“, вели Ричард Михиго, африкански координатор за развој на вакцини при СЗО. „КОВАКС само ќе обезбеди, ако сè оди добро, набавки за покривање до 20 проценти од населението (во која било земја). Имунитетот на стадо реално не може да се реализира во 2021 година. За да се постигне глобална правичност и солидарност, има итна потреба да се разгледа вакцинацијата барем за приоритетните групи со висок ризик, како што се здравствените работници од првата линија.”

Внатрешен извештај на КОВАКС што протече до Ројтерс во средината на декември откри дека организациите што го координираат КОВАКС веруваат дека се соочуваат со „многу висок“ ризик од неуспех, поради недостиг од средства, ризици во снабдувањето, делење вакцини што сè уште не добиле одобрување и сложените договори што во некои случаи не се обврзувачки. Поради ова, луѓето во некои земји може потенцијално да останат без пристап до никакви вакцини до 2024 година, според извештајот.

Гави, меѓународен сојуз на влади, добротворни организации, компании за лекови и меѓународни организации, кој е еден од лидерите на КОВАКС, не одговори на барањето коментар од Њу саентист. Сепак, портпаролот на Гави за Ројтерс изјави дека телото останува уверено дека може да ги постигне своите цели и дека „би било неодговорно да не се проценуваат ризиците на еден толку масивен и сложен потфат“.

КОВАКС вели дека досега собрале околу 2,4 милијарди долари и потребни се дополнителни 4,6 милијарди долари во 2021 година за да ги исполнат своите цели. Велика Британија е најголем донатор, по неа се Канада, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и Саудиска Арабија, додека САД и Кина сè уште немаат преземено финансиски обврски.

„Овој случај со вакцините коренито зборува за една многу поширока нееднаквост во глобалното здравје, особено поради тоа што многу испитувања се одвиваа во земји со пониски примања“, вели Клер Венхам од Лондонската школа за економија. „Дури и ако успее, пазарниот удел на КОВАКС е ситен“.

Извештај објавен во декември од Народната алијанса за вакцини - група во која се и добротворните организации Амнести интернешнел, Фронтлајн АИДС и Оксфам - предупредува дека земјите со високи примања, како што е Канада, купиле доволно дози за да го вакцинираат целото свое население петпати, според анализата на податоците од договорите за снабдување. Извештајот проценува дека 67 земји со ниски примања, вклучувајќи ги Авганистан, Сенегал и Мјанмар, ќе можат да вакцинираат само едно од 10 лица.

„Огромно мнозинство од ограничената понуда е купено од богати земји“, вели Ана Мериот од Оксфам. „Тоа е огромен проблем. Тоа е критичен момент за КОВАКС. Дефинитивно треба да има повеќе финансии за него“.

Мериот вели дека компаниите за лекови треба „да се одрекнат од правата на интелектуална сопственост“ за да им овозможат на земјите да ги произведуваат своите вакцини додека светот не постигне имунитет од стадо. „Инаку ова може да биде проблем за годините што доаѓаат и мутацијата на вирусот може да биде уште поголема“, вели таа.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе