Ѓукановиќ во објаснувањето се повика на членот 95 од црногорскиот устав кој предвидува претседателот на Црна Гора да ги именува и разрешува амбасадорите и шефовите на другите дипломатски претставништва, на предлог на владата и со мислење на одборот на собранието.
„Уважувајќи ја важноста на надворешната политика на Црна Гора, составот на амбасадорите, основната функција која ја врши претседателот на Црна Гора во делот на поставувањето и отповикувањето амбасадори, уставот на Црна Гора и законот за надворешни работи, оценувам дека не се стекнати условите за донесување на указот за отповикување“, наведе Ѓукановиќ во соопштението.
Црногорската влада претходно одлучи да повлече седум амбасадори политички блиски до Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ – амбасадорите во Кина, Србија, Обединетите Арапски Емирати, Италија, Босна и Херцеговина, Германија и Ватикан.
Ѓукановиќ минатата недела одби да ги потпише и измените за законот за црквите, донесени под притисок на Српската православна црква.
Токму усвојувањето на тој закон и протестите кои ги организираше СПЦ, тврдејќи дека неговата цел е одземање на имотот на верската организација во Црна Гора, беше причината за првиот изборен пораз на Ѓукановиќ на парламентарните избори на 30 август минатата година.