„Олаф Шолц е одговорен лидер кој внимателно ги одмерува опциите и донесува одлуки врз основа на тоа. Канцеларот ужива целосна поддршка од ФДП“, рече претседателот на ФДП Кристијан Линднер во видео повик на партиската конвенција на германските либерали во Берлин овој викенд.
Линднер особено ги критикуваше германските демохристијани од ЦДУ/ЦСУ, кои најавија дека во Бундестагот ќе го покренат прашањето за испорака на тешко оружје за Украина.
Тој додаде дека додека беснее војната во Европа „нема разбирање за таквите форми на партиско-политички маневри“. Во својот говор Линднер сепак не изјави дека ставот на социјалдемократот Шолц, кој одбива да испорача тешко оружје на Украина, бил критикуван и од политичарите на ФДП и од Зелените, третиот партнер во владејачката коалиција.
Претседателот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц побара од Олаф Шолц следната недела да се обрати во Бундестагот за позицијата на владата за Украина и испораката на оружје. Во спротивно пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот ќе поднесе сопствено барање за испорака на тешко вооружување.
Германскиот канцелар на крајот на неделата повторно го бранеше својот став пред членките на НАТО дека тешко оружје како тенкови не треба да ѝ се доставува на Украина, објаснувајќи им ја опасноста од проширување на воените конфликти.