„Претпоставуваме дека недостатокот на вакцини ќе трае најмалку уште десет тешки недели“, рече Шпан.
Тој препорача состанок на претставници на федералните и покраинските влади со претставници на производителите на вакцини со цел да се договорат целите и понатамошните чекори во процесот на вакцинација во Германија.
Во моментов има проблеми со испораката на вакцините на Фајзер/Бајонтек, но и со вакцината на компанијата Астра Зенека.
Министерот Шпан моментално е на мета на критики затоа што вакцинирањето во Германија не се спроведува со посакуваната брзина.
Дневникот Билд недостатокот на вакцини го оцени за „скандалозно“ и како главен виновник го наведе Шпан, кому му се префрла за погрешна тактика при набавка на вакцините.
Строгите мерки на затворање во Германија се во сила до средината на февруари. Во четвртокот, Централниот епидемиолошки институт Роберт Кох регистрира 17.553 нови случаи, околу 3.000 помалку од пред една недела.
Седумдневната инциденца за прв пат од октомври падна под вредност од 100. Целта на владините мерки е да ја намалат инциденцата под 50.
Шпан рече дека е охрабрувачки што бројот на заразени лица во Германија опаѓа, најавувајќи дека училиштата и градинките ќе бидат први што ќе се отворат откако ќе заврши целосното затворање на 14 февруари.
Германија се подготвува да воведе ограничувања за патници од Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, рече министерот за внатрешни работи, во ситуација кога расте загриженоста поради новите видови на вирусот кои побрзо се шират.