„Од Турција зависи каква одлука ќе биде донесена на самитот на ЕУ во декември“, рече Маас пред средбата со европските колеги.
„Ако не видиме позитивни сигнали од Турција до декември, туку само понатамошни провокации како што е посетата на турскиот претседател Ердоган на Северен Кипар, тогаш нè чека тешка расправа“, рече Маас. „Прашањето за воведување санкции врз Турција тогаш сигурно ќе биде повторно актуелно“, додаде тој.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата ја посети самопрогласената Турска Република Северен Кипар, каде што се состана со нејзиниот претседател и присуствуваше на „пикник“ во напуштеното одморалиште Вароши кај зоната на ООН на разделување, што го одделува Кипар од турската инвазија во 1974 година. Посетата е организирана по повод обележување годишнина од самопрогалсувањето на Турската Република Северен Кипар на 15 ноември 1983 година, призната само од Анкара.
Ова се случува во време на жесток спор со Грција и Кипар околу правото на експлоатација на резервите на природен гас во источен Медитеран.
Ердоган во таа прилика повика на преговори за „две одделни држави“ на Кипар, отфрлајќи го обединувањето на островот.
„Постојат два народа и две одделни држави на Кипар. Потребни се преговори за да се дојде до решение засновано на две одделни држави“, рече тој.
Последните преговори меѓу кипарските Грци и кипарските Турци пропаднаа во 2017 година.
Новоизбраниот претседател на Северен Кипар, турскиот националист Ерсин Татар, исто така се спротивставува на обединување на Кипар, што го поддржуваше неговиот претходник.
Ердоган исто така рече дека Северен Кипар и Турција повеќе нема да дозволат „дипломатски игри“ околу правото да истражуваат гас во источно Средоземно Море.
„Мирот и стабилноста во регионот не се можни ако Турција и Северен Кипар не добијат праведен дел од територијалните права“, рече тој.
Република Кипар, членка на ЕУ што има контрола над две третини од островот, ја осуди посетата на Ердоган како „невидена провокација“, а Грција ја опиша посетата како „директно кршење на резолуциите на ООН“.