Во средата, Долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот, со големо мнозинство ја прифати резолуцијата со која Голодоморот (на руски Холодомор) во Украина предизвикан од режимот на Сталин пред 90 години, е прогласен за „геноцид".
Одлуката ја поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Им благодарам на пратениците во Бундестагот за оваа историска одлука“, одговори украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Твитер. „Вистината секогаш победува“, додаде тој.
Во 1932 и 1933 година, околу 3,5 милиони Украинци биле жртви на Голодоморот, помор од глад извршен од Сталиновиот режим. Сите посеви им биле одземени на селаните во име на колективизација на земјата.
Овој помор од глад е вклучен „во списокот на нехумани злосторства извршени од тоталитарните системи кои убиле милиони луѓе во Европа, особено во првата половина на 20 век“, се вели во германската резолуција.
Во четвртокот, Русија го отфрли тврдењето дека тоа е геноцид и рече дека милиони луѓе во други делови на Советскиот Сојуз, вклучително и Русија, исто така страдале.
Ова е уште еден обид да се „демонизира Русија“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
„Германците се обидуваат повторно да ја напишат својата историја“ и да ја минимизираат сопствената вина за безбројните злосторства извршени од нацистичка Германија за време на Втората светска војна, се додава.
Министерството го обвини германскиот парламент дека со усвојувањето на декларацијата „ја оживува фашистичката идеологија на расна омраза и дискриминација и се обидува да се ослободи од одговорноста за воените злосторства“.
Неколку европски земји, вклучително и поранешните советски балтички земји, исто така го признаваат Голодомор како геноцид.
За Украинците, Голодоморот е централен дел од идентитетот на земјата како независна национална држава и сведоштво за историските неправди нанесени врз Украинците од лидерите во Москва.