Дојче веле

Германија е отворена за кинеските и руските вакцини поради доцнењето на западните

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан вели дека нема никаква пречка за употребата на вакцините Спутник V и Синофарм доколку добијат одобрение од ЕУ. Канцеларката Ангела Меркел в понеделник треба да одржи самит за надминување на недостигот од вакцини, објави Дојче веле.

Фото: ЕПА

Германскиот федерален министер за здравство Јенс Шпан навести дека во Европа против коронавирусот може да се користат вакцините од Кина и Русија за надминување на сегашниот дефицит од дози.

„Без оглед која е земјата во која се произведува вакцината, ако таа е безбедна и ефикасна, може да помогне во борбата со пандемијата“, рече во неделата Шпан за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, додавајќи дека тие мора да бидат одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Министерот рече дека не гледа суштинска пречка за употребата на кинески и руски вакцини против ковид.

Русија во петокот објави дека во вториот квартал од годинава ќе може да ѝ испорача на ЕУ 100 милиони дози од својата вакцина Спутник V, што ќе им овозможи на околу 50 милиони луѓе да бидат вакцинирани. Барањето за одобрување на вакцината веќе е доставено до ЕМА.

Шпан исто така изрази надеж дека пандемијата ќе биде ставена под контрола во текот на годината и дека нема да има „втора годишнина од вирусот во оваа форма“.

 

Недостиг од вакцини во ЕУ

Коментарите на Шпан за кинеските и руските вакцини доаѓаат неколку дена откако тој призна дека Германија се соочува со недостиг од вакцини што може да продолжи барем до април.

Шпан преку социјалните мрежи предупреди дека германската влада во следните месеци ќе се бори да набави доволно дози.

„Сепак ќе имаме најмалку 10 тешки недели со недостиг од вакцина“, објави тој на Твитер во четвртокот.

Во почетокот на неделата, Шпан за ДВ изјави дека Европа мора да го добие својот „праведен дел“ од вакцините и повика ЕУ да воведе извозен лиценцен систем за да спречи премногу вакцини да отидат во странство.

Во меѓувреме, растат тензиите со АстраЗенека и Фајзер поради ненадејните намалувања на снабдувањето само еден месец откако блокот почна да ги вакцинира граѓаните.

 

Загриженост поради кинеските и руските вакцини

Постои широко распространета загриженост за безбедноста и ефикасноста на кинеските и руските вакцини, бидејќи тие не ги извршиле сите потребни тестови пред да добијат одобрување во нивните земји, вели Дојче веле.

Сепак, унгарскиот регулатор на лекови и храна веќе одобри вакцина направена од кинески „Синофарм“. Претходно во јануари, Унгарија исто така, спротивно на ЕУ, издаде привремена лиценца за руската вакцина Спутник V.

ЕУ соопшти дека унгарското склопување на договорот надвор од заедничката рамка на блокот е недолично, но не и незаконско.

Германската канцеларка Ангела Меркел в понеделник ќе одржи состанок со 16 државни премиери за да разговара за пандемијата, а први на агендата ќе бидат недостигот од вакцини и можното продолжување на карантинот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе