Во обид да се прекине странско мешање во либискиот конфликт

Германија е домаќин на самит за Либија

Германија денес е домаќин на мировна конференција за Либија, една недела откако слични преговори во Москва не постигнаа значителен напредок во решавањето на долгогодишниот конфликт во земјата.

Либија е поделена помеѓу либиската Влада на национално единство (ГНА), признаена од страна на Обединетите нации (ОН), со седиште во Триполи, и владата на генералот Калифа Хафтар, која има упориште на истокот на земјата.

Генералот Хафтар, кој од април 2019 година предводи офанзива за освојување на Триполи, се очекува да присуствува на меѓународната конференција за Либија, организирана на иницијатива на ОН.

Тука треба да биде и неговиот главен противник Фајез ал Сараџ, премиер Владата на национално единство.

Пристигнувањето во Берлин го потврдија турскиот, рускиот и францускиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Хафтар во неделата отпатува од Москва без да го потпише договорот за прекин на огнот, за разлика од Фајез ал-Сараџ.

Главната задача на конференцијата е да се зацврсти мир и конечно да се спречи странско мешање во Либија, па и преку воена помош. Во овој поглед, на учесниците ќе им биде предложено воведување ембарго на оружје, соопштено е од Берлин.

Турција, наводно, испрати стотици борци од Сирија во Либија во последните неколку недели, објави Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР).

Претставник на американскиот Стејт департмент во саботата изјави дека ситуацијата во Либија почнува да личи на онаа во Сирија. Тој ги повика странските сили да ја напуштат земјата, пишуваа новинарите кои ја придружуваа американската делегација на конференцијата во Берлин.

ЕУ има „историска“ должност да ја поддржи либиската Влада за национално единство (ГНА), напиша Ердоган во саботата за Политико, додавајќи дека мировната конференција во Берлин е „многу важен чекор“ во оваа насока.

Силите лојални на генералот Хафтар во саботата ги блокираа главните терминали на нафта во источна Либија. Престанокот на извозот на нафта, што е речиси единствениот извор на приходи за Либијците, е протест против турската интервенција во земјата, според припадниците на либиски племиња и силите лојални на Хафтар.

Во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изрази надеж дека мировната конференција ќе резултира со напредок кон решавање на конфликтот.

„Најважно е да се надгледува примирјето“, додаде Лавров на прес-конференција во Москва.

ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа.

повеќе

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе