Германците почнаа да се сомневаат во руските санкции: „Нашата економија може да колабира“

Тврдиот став на германската влада кон Русија поради војната во Украина е под зголемен притисок од домашната јавност, која е загрижена за високите цени на енергијата и можниот недостиг од гас пред зимата.

Фото: ЕПА

Досега, сите големи партии, од социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и неговите коалициски партнери Зелените и Слободните демократи до опозициските конзервативци, ги поддржаа западните санкции против Русија откако таа го нападна својот сосед.

Но во последните недели, конзервативните лидери станаа скептични кон стратегијата на Западот. И додека анкетите покажуваат дека речиси две третини од Германците сè уште ги поддржуваат санкциите, половината веруваат дека тие повеќе ја погодуваат Германија отколку Русија. Половина од населението се грее на гас, кој го користи и третина од индустријата. Во последните години 50 отсто од гасот доаѓаа од Русија.

Сепак, во последните недели испораките од Русија се намалени, наводно поради одржување на гасоводот. Германија, од друга страна, тврди дека Москва го користи гасот како оружје, а оваа недела ЕУ усвои итен план за намалување на потрошувачката. Во мај, Германија го забележа својот прв надворешнотрговски дефицит од 1991 година поради инфлацијата, која достигна околу 8 проценти.

„Целиот наш економски систем би можел да пропадне. Ако не бидеме внимателни, Германија би можела да се деиндустријализира“, изјави Михаел Кречмер, конзервативниот лидер на источната покраина Саксонија, за весникот „Ди Цајт“ во четвртокот. „Ако не можеме да се откажеме од рускиот гас во моментов, тоа е суровата реалност и мора да дејствуваме соодветно“, додаде тој.

Сомнежите во политиката на владата кон војната во Украина се особено изразени на поранешниот комунистички исток на земјата, кој е потесно поврзан со Москва и кој може да биде потешко погоден од економскиот пад. Кречмер, чија сојузна држава има четири милиони жители, повикува војната да се „замрзне“ и Европа да бара мировни преговори.

Ова ќе овозможи снабдување со клучните производи, од фосилни горива до жито, и ќе го спречи економскиот колапс на Германија и гладот во Африка, рече тој. Критичарите возвраќаат дека тоа ќе ги легитимира територијалните придобивки на Русија и ќе ѝ овозможи на Москва да се прегрупира.

Амбасадорот на Украина во Берлин во заминување, Андриј Мелник, на Твитер напиша дека Кречмер треба „да ја бутне главата во фрижидер“ и да престане со своите „руски фантазии“. Мелник, кого претходно овој месец украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучи да го повлече, претходно отворено го критикуваше кој било знак дека Германија се колеба во својата поддршка за Украина.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе