Право на глас имаат 60,4 милиони граѓани

Германците денес бираат парламент и наследник на Ангела Меркел

Граѓаните на Германија денес бираат нов состав на парламентот, со што посредно одлучуваат и за наследникот на канцеларката Ангела Меркел и насоката во која ќе се движи земјата.

EPA-EFE

Главната борба се води меѓу конзервативниот блок на Ангела Меркел, социјалдемократите и опозициската парија Зелени.

Конзервативната коалиција, која ја сочинуваат Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), се бори да избегне пораз од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), за првпат од 2002 година. Тие три партии сега ја сочинуваат големата црно-црвена коалиција.

Најновите анкети укажуваат на тесна трка на демохристијанскиот блок ЦДУ-ЦСУ и социјалдемократите, на кои им даваат блага предност, додека Зелените се на трето место.

Се очекува во Бундестагот да влезат и партиите кои и до сега имаа пратеници, либералната Слободна демократска партија (ФДП), екстремно десната Алтернатива за Германија (АфД) и Левица, која е на крајно левичарска позиција.

ЦДУ, активна во целата земја со исклучок на Баварија, и ЦСУ, која дејствува само во Баварија, го истакнаа како кандидат за канцелар Армин Лашет, гувернерот на најбројната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Социјалдемократите се одлучија за досегашниот вицеканцелар и министер за финансии Олаф Шолц, а кандидатка на Зелените е копретседателката на партија Аналена Бербок.

Рејтингот на Шолц растеше во изминатите недели, со пад на поддршката за неговите ривали, претседателот на ЦДУ Лашет и Аналена Бербок. Шолц граѓаните го прогласија и за победник на сите три телевизиски дебати за кандидатите за канцелар.

Анкетите покажуваат дека ниедна партија нема да добие 30 отсто од гласовите, што би било рекордно слаб резултат на првопласираната партија во Германија. Победничка партија досега најмалку гласови добила во 1949, кога ЦДУ освоила 31 отсто.

Таквиот исход речиси сигурно ќе доведе до долги преговори за нова владејачка коалиција.

Освојувањето на првото место би бил голем поттик за социјалдемократите, кои дадоа три од осумте последни канцелари, но 12 од последните 16 години беа послабиот партнер во владите на Ангела Меркел.

Бројот на можните коалиции е голем. Доколку не биде повторно формирана големата коалиција ЦДУ-ЦСУ и СПД, што во овој момент двете страни го исклучуваат, аналитичарите укажуваат дека се реални три опции.

Првата е таканаречената „семафор коалиција“ на СПД, Зелените и ФДП, кај која главна пречка е тоа што либералите преферираат влез во власта со идеолошки поблиските демохристијани.

Сојузот кој многумина го сметаат за најголемата шанса на Армин Лашет да дојде до функцијата канцелар би била коалиција на ЦДУ-ЦСУ со Зелените и либералите. За таа „Јамајка коалиција“, така наречена поради партиските бои црно-зелено-жолто, најголемата пречка е јазот меѓу демохристијаните и Зелените во буџетската и финансиската политика.

Во предвид доаѓа и црвено-зелено-црвена коалиција на СПД, Зелените и Левица, но за неа клучна пречка се сериозните разлики околу германската надворешна политика, бидејќи Левица се залага за завршување на сите мисии на германската војска во странство и распуштање на НАТО.

Олаф Шолц во повеќе наврати истакна дека какво било учество во влада чија рбет би биле социјалдемократите, подразбира приврзаност кон НАТО и вредностите на ЕУ.

Водечките партии изнесуваат различни ставови околу економијата и климатските промени.

Додека Лашет инсистира дека не треба да има зголемување на даноците во време на заздравување од пандемијата на коронавирусот, Шолц и Бербок се залагаат за зголемување на данокот на најбогатите Германци, како и на минималната плата.

Кога станува збор за борбата против климатските промени, конзервативците се надеваат во технолошки решенија и пазарниот пристап, додека Зелените бараат значително зголемување на цените на јаглеродните енергенси и да се прекине со употребата на јагленот порано од планираното. Социјалдемократите ја истакнуваат потребата од заштитата на работните места додека најголемата европска економија преминува на енергија која е во најголема мера зелена, наведува Асошиејтед прес.

Меркел, која е и понатаму многу популарна во Германија, објави во 2018 дека нема да се кандидира за петти канцеларски мандат, поради што денешните избори се први во повоена Германија на кои актуелниот канцелар не се бори за реизбор.

Канцеларката во заминување не е само единствената жена, туку и најмладата личност која ја презела таа функција, бидејќи на 22 ноември 2005 имаше 51 година. Таа е 16-годишна канцеларка, а долги мандати на чело на владата имаа уште двајца некогашни лидери на ЦДУ, Хелмут Кол (1982-1998) и Конрад Аденауер (1949-1963).

На изборите учествуваат 47 партии, што е рекорд од обединувањето на двете Германии во 1990 година, но шанси за влез во парламентот имаат мал број од нив.

Право на глас имаат 60,4 од 83 милиони жители на Германија.

На претходните парламентарни избори, во 2017 година, излегоа 76,2 отсто од граѓаните на Германија со право на глас. Рекордната излезност на изборите беше 91,1 отсто во 1972 година, во тогашна Западна Германија. Најмал одзив на гласачите е забележан во 2009 година, 70,8 отсто.

Гласачите можат да гласаат на гласачките места или по пошта. Уделот на граѓаните кои гласаат по пошта е во постојан пораст и изнесуваше 28,6 отсто во 2017 година. Поради пандемијата на коронавирусот сега се очекува нов рекорд.

Веднаш по затворањето на гласачките места во 18:00 ќе бидат објавени резултатите врз основа на излезните анкети, односно изјаснувањето на граѓаните за кого гласале, непосредно по излегувањето од гласачките места.

Нешто подоцна ќе бидат објавени првите проекции, а „привремените резултати“ по полноќ или наутро. До објавата на официјалните конечни резултати може да поминат и неколку недели.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе