Гадафи ќе биде повторно погребен

Посмртните остатоци на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи ќе им бидат предадени на членовите на неговото племе во Сирте за повторно да биде погребен, јави саудиската телевизија Араби ал Хадат.

EPA-EFE

Гадафи во октомври 2011 година беше мачен и претепан до смрт од милитанти, инцидентот беше снимен и го пренесоа телевизиските мрежи низ светот. Неговото тело беше однесено во Мизрата „на лекарски преглед“, а потоа изложено во локален трговски центар. Беше погребен на непозната локација во пустината.

Според либиските извори на телевизијата, на пренесување на посмртните остатоци на Гадафи се согласиле високи функционери во градот Мизрата и старешините на племињата ал Гадаф и ал Муџабар. Заедно со Гадафи постариот, се очекува и пренесување на посмртните остатоци на неговиот 36-годишен син Моатасем Билах Гадафи и Абу Бакр Јунис Џабар, еден од советниците на покојниот либиски лидер. Тие двајца беа убиени заедно со Гадафи на 20 октомври 2011 година по битката кај Сирте.

Либија по Гадафи се претвори во пропадната држава со која управуваа локални војсководци, терористи и сопернички фракциски влади кои се бореа за контрола над земјата богата со нафта.

Минатата недела лидерот на либиската милиција Салах Бади објави дека е спремен да ја открие локацијата на гробот на Гадафи по повиците на поддржувачите на покојниот либиски лидер да се предадат неговите посмртни остатоци за помирување во Либија.

Либиските власти го пуштија вчера Сади Гадафи, третиот син на Моамер Гадафи од затвор и го протераа во Турција. Моментално место на престој на Сади Гадафи не е познато. Според извори на Ројтерс, ослободување на синот на Гадафи е договорено по преговорите меѓу племенските лидери и привремениот премиер Абдулхамид Дбеибех.

Пензионираниот професионален фудбалер Сади Гадафи за време на војната во 2011 беше командант на либиските специјални сили и избега од земјата во Нигер пред да падне под власта на милитантите.

Истата година по него беше издадена црвена потерница на Интерпол, а во 2014 беше екстрадиран на Триполи, главниот град на едната од двете влади кои се бореа за власта. По враќањето беше затворен, мачен и обвинет за убиство на фудбалерот и тренер Башир ал Риани во 2005 година. Прогласен е за невин во 2018 година, но остана во затвор.

Минатата недела беше објавено дека Сејф ал Ислам Гадафи, другиот син на Моамер Гадафи, официјално решил да се кандидира за претседател на Либија на претстојните општи избори закажани за 24 декември. Сејф наводно планира да се кандидира во име на Народниот фронт за ослободување на Либија, лојалистичка политичка партија на Гадафи создадена во 2016. Платформата на партијата вклучува чистење на земјата од терористи, обнова од војната и следење на принципите на „Зелената книга“ на Моамер Гадафи – мешавина од социјализам, арапски национализам и систем на директна демократија заснована на референдуми.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе