Фридрих Мерц е избран за нов претседател на ЦДУ

Фридрих Мерц во саботата со големо мнозинство гласови на партиската конвенција беше избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Фото: ЕПА

„Длабоко сум трогнат и изненаден од резултатот“, рече Мерц (66) по објавувањето на резултатите на партиската конвенција одржана онлајн.

За Мерц гласаа 94,6 отсто од пратениците на конвенцијата. Со ова се потврди изборот на партиската база која во декември му даде најмногу гласови на Мерц на интерниот избор на нов претседател на партијата.

Мерц важи за претставник на конзервативното крило на партијата и досега најавуваше како ЦДУ ќе ја врати на конзервативните насоки од кои, според мислењето на многу членови, партијата отстапила поради либералниот курс што го водеше долгогодишната претседателка на партијата и германска канцеларка Ангела Меркел.

Во својот говор на конвенцијата, која првично требаше да се одржи во Хановер, но беше префрлена на онлајн издание поради епидемиолошката ситуација, Мерц му се обрати на новиот германски канцелар Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија - СПД), кого го обвини за недостаток на волја да ја води земјата.

„Шолц не се труди доволно кога станува збор за посредување меѓу САД и Русија. Претходните канцелари би покажале поголема решителност“, рече Мерц.

Тој апелираше до ЦДУ и сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), со која ЦДУ ја формира демохристијанската Унија, како најсилна опозициска група да покажат решителност во парламентот.

„Она што се случуваше минатата година не смее да се повтори“, рече Мерц, алудирајќи на несогласувањата меѓу врвот на ЦДУ и ЦСУ.

Веднаш по изборот на базата во декември, Мерц го посети претседателот на ЦСУ Маркус Зедер, демонстрирајќи блискост на двете партии.

Местото претседател на ЦДУ остана празно откако актуелниот претседател Армин Лашет, по поразот на парламентарните избори во септември, објави дека се повлекува од функцијата по само една година.

Мерц е трет претседател на ЦДУ, откако на крајот на 2018 година, по повлекувањето на тогашната канцеларка Ангела Меркел од чело на партијата, прво беше избрана Анегрет Крамп-Каренбауер, а по неа и Армин Лашет.

И во двата случаи Мерц се појави како противкандидат, но загуби од кандидатите кои важеа за избор на Ангела Меркел.

Мерц и Меркел никогаш немале добри односи, што кулминираше со отфрлање на поканата за вечера што Мерц им ја испрати на сите поранешни претседатели на партијата.

По доаѓањето на Ангела Меркел на чело на партијата, тој дојде во конфликт со подоцнежната канцеларка, по што неколку години се повлече од политиката.

Критичарите му префрлаат на Мерц преголема блискост со индустријата и фактот дека бил член на надзорниот одбор на американскиот финансиски фонд Блекрок во времето кога се повлече од политиката.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе