На прашањето да ги коментира турските критики за карикатурата објавена од списанието Шарли Ебдо, Атал рече дека постои големо европско единство во однос на поддршката за Франција и принципите и вредностите што Франција ги брани.
Тој рече дека неодамнешните напади на турските официјални лица на неделникот се полни со омраза.
Говорот на омраза против новинарите е одговорен за терористичките напади во Франција во последните години, рече Атал, очигледно мислејќи на нападот во канцелариите на Шарли Ебдо во јануари 2015 година, во кој 12 лица беа убиени од двајца исламисти.
Турција го осуди неделникот Шарли Ебдо за културен расизам, односно насловната страница на сатирично списание објавено во средата во кое се исмева турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Слушнав дека тоа списание во Франција, кое објави неморални карикатури вредни за презир од нашиот пророк, сега ме зема мене на мета со карикатура на насловната страница“, рече Ердоган и додаде дека не ја видел.
На насловната страница на неделникот стои карикатура на Ердоган во бела маица и долна облека како седи во фотелја. Во едната рака држи лименка со пијалок, а во другата го крева фустанот на жена која носи хиџаб и го открива нејзиниот гол задник и вели: „Оох, пророку!“.
Насловот на изданието е: „Ердоган - приватно е многу забавен“.
„Не сум тажен и лут заради овој одвратен напад врз мене, туку затоа што истото тоа списание е извор на бесрамен однос кон нашиот сакан пророк“, рече Ердоган.
Ердоган им се обрати на членовите на владејачката партија Правда и развој во Анкара, кои го проследија неговиот говор со одобрување и неколку минутен аплауз.
„За жал, минуваме низ период кога омразата против исламот и муслиманите и непочитувањето на нашиот пророк се шири како рак, особено меѓу лидерите во Европа“, рече Ердоган пред парламентарната група на својата партија.
Ердоган изјави дека западните земји кои го напаѓаат исламот сакаат повторно да започнат крстоносни војни.
Државниот правобранител во Анкара, во меѓувреме, започна истрага против администрацијата на Шарли Ебдо, а адвокатите на Ердоган поднесоа кривична пријава против неделникот, објави новинската агенција Анадолија.
Истрагата и тужбата се легални според турскиот закон затоа што навредите се упатени кон претседателот на државата.
Кризата меѓу Франција и Турција изби откако Макрон вети, оддавајќи му почит на Самуел Пети, професорот кој беше обезглавен на 16 октомври поради прикажување карикатури на пророкот Мухамед на час, дека Франција ќе продолжи да го брани правото на слобода и слободно изразување.