Франција очекува нови немири: на улиците излегуваат десетици илјади полицајци и оклопни возила (ФОТО+ВИДЕО)

Франција се спрема за нови протести на „Жолтите елеци“, кои повторно ќе се одржат викендов. На улиците се поставуваат барикади и кордони, откажани се фудбалските натпревари, а на улиците утре излегуваат и оклопни возила, јавува Гардијан.

Француските безбедносни сили утре на улиците на Париз ќе испратат оклопни возила бидејќи се очекува нов бран насилства и немири.

Владините службеници соопштија дека низ земјата ќе бидат мобилизирани 89.000 полицајци и припадници на жандармеријата. 8.000 од нив ќе бидат распоредени низ Париз, а ќе има и оклопни возила.

„Се соочуваме со луѓе што не се тука да протестираат туку да кршат сѐ околу себе. Сакаме да бидеме сигурни дека можеме да ги спречиме во тоа“, изјави премиерот Едуар Филип обидувајќи се да ги оправда оклопните возила на улиците.

Оклопните возила ВБРГ што утре ќе излезат на улица можат да испукуваат солзавец и да пробиваат барикади, а Гардијан истакнува дека ретко се користат во урбани области.

Во Париз во тек се подготовки пред четвртиот викенд на протестите на „Жолтите елеци“. Гардијан додава дека банките, продавниците и рестораните во градот се подготвуваат и се обидуваат да ги заштитат своите објекти од утрешните напади.

На жителите на Париз властите им советуваа на улиците да не оставаат канти и контејнери за ѓубре бидејќи можат да бидат запалени како минатите викенди.

Овие подготовки се резултат на најлошите немири кои Париз ги видел во минатите 50 години, а се случија минатата сабота. Тогаш група демонстранти од движењето „Жолти елеци“ ограбуваше продавници, палеше возила и се судри со полицијата. Дури и значително ја оштетија Триумфалната капија.

Утре ќе бидат затворени Ајфеловата кула и музејот во Лувр, додека во Бордо ќе бидат затворени десетина јавни места. Шест натпревари од француската прва лига се откажани.

Движењето „Жолти елеци“ почна како протест против прелогот за зголемување на данокот на горивата, а движењето го доби името по жолтите елеци кои ги носат демонстрантите, а кои ги имаат сите возачи во своите автомобили.

Сепак, протестите брзо ја надраснаа својата првична цел и станаа протест против власта. Демонстрантите својот гнев го насочија против претседателот Емануел Макрон кого го обвинија дека нема допир со стварноста. За владата сметаат дека ја претставува елитата и дека нема поим како живее остатокот од земјата.

Макрон молчи од средата, откако го укина предлог законот за нови давачки на горивата. Француските медиуми цитираа владини функционери кои изјавија дека претседателот не сака дополнително да ја разгорува ситуацијата со обраќање до јавноста пред утрешните протести. Се очекува да ѝ се обрати на нацијата на почетокот на следната недела.

Гардијан додава и дека во разговорите со демонстрантите се повторува една тема, а тоа е нивното чувство на незадоволство од лидерите.

Обидите на Елисејската палата и француската влада да ја смират кризата, па дури и откажувањето од предложениот данок на гориво, не ги смирија демонстрантите.

Освен тоа, Гардијан додава и дека немирите дополнително се шират преку социјалните мрежи со објавување разни теории на заговор и лажни вести.

Меѓу другото, раширена е лажната вест дека Макрон им ја продава Франција на Обединетите нации, Светската банка или други меѓународни организации кои планираат да дозволат милионите емигранти да ја преземат земјата. Таа вест е прочитана повеќе милиони пати, јавува Гардијан.

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе