АП

Фотографиите со мртвите татко и ќерка на американската граница го вознемирија целиот свет

Од Ватикан до американскиот Конгрес и претседателски кандидати, вчера доаѓаа изрази на болка, сочувство и бес откако беа објавени фотографиите на таткото и неговата малечка ќерка што се удавија додека се обидуваа да го преминат Рио Гранде од Мексико за нелегално да влезат во САД.

На фотографиите се гледаат телата на човекот и неговата 23-месечна ќерка како лежат со лицата надолу крај брегот на реката. Нејзината рака му е обвиена околу вратот, што значи дека таа се држела за својот татко во нивните последни моменти. Фотографиите објавени од мексиканскиот весник Ла Хорнада беа дистрибуирани низ целиот свет од Асошиејтед прес.

Оскар Алберто Мартинез Рамирез и ќерката Валерија бегаа од Ел Салвадор, во кој владее насилен криминал. Мајката, Тања Ванеса Авалос, сè уште била на мексиканската страна на реката и преживеала.

Светот е потресен од фотографиите, вели АП.

Папата Франциско ги виде фотографиите и длабоко се натажи, рече портпаролот на Ватикан.

„Со огромна тага, светиот отец ги гледаше сликите на таткото и неговата малечка ќерка, кои се удавија во реката Рио Гранде обидувајќи се да ја преминат границата меѓу Мексико и САД“, рече привремениот портпарол на Ватикан, Алесандро Гизоти.

„Папата е длабоко ужален од нивната смрт и се моли за нив и за сите мигранти што ги загубија своите животи бегајќи од војна и мизерија“, рече Гизоти.

Претседателот Доналд Трамп изјави дека се вознемирил од сликите. Но тој рече дека умирањата можело да бидат спречени и ги критикуваше демократите поради тоа што не го усвоиле законот за кој тој тврдеше дека ќе ги спречи луѓето да тргнуваат на опасниот пат.

„Ако ги имавме вистинските закони, кои демократите не ни дозволуваат да ги имаме, тие луѓе немаше да доаѓаат. Тие немаше да се обидуваат“, рече претседателот. „Тие можат многу лесно да го сменат тоа, па луѓето да не доаѓаат и да не гинат“.

Високи демократи во Конгресот рекоа дека се надеваат дека фотографиите ќе ја разбудат совеста на администрацијата на Трамп и дека претседателот ќе престане да им отежнува на луѓето да влегуваат во САД. Висок републиканец рече дека фотографиите треба да го поттикнат Конгресот да ја решава кризата на границата.

„Ние не сме таква земја. Ние имаме обврски кон човештвото, кои целосно се игнорираат“, изјави во краткото интервју за Асошиејтед прес претседателката на Домот, Ненси Пелоси.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, посочи дека Мартинез и неговата ќерка можеби немало да умрат ако Трамп се согласел со напорите на демократите да им помогнат на мигрантите да ги напуштат земјите од Централна Америка и да влезат во САД како бегалци.

„Како може претседателот Трамп да ја гледа оваа слика и да не сфаќа дека ова се луѓе што бегаат од насилство и прогон, подготвени да ризикуваат опасно, понекогаш неуспешно патување во потрага по подобар живот?“, рече Шумер, демократ од Њујорк, во Сенатот.

Републиканскиот сенатор Рон Џонсон од Висконсин, претседател на Комитетот за внатрешна безбедност, во средата отвори сослушување велејќи дека фотографијата треба да го поттикне Конгресот да дејствува.

„Не сакам да видам уште една таква слика на американската граница“, рече Џонсон.

Шефицата на агенцијата за децата на Обединетите нации УНИЦЕФ рече дека „срцепарателната фотографија... е болно потсетување на опасностите со кои се соочуваат мигрантите што се обидуваат да стигнат до САД.“

Извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Фор изрази длабока загриженост за состојбата на децата-мигранти на границата меѓу САД и Мексико, велејќи дека некои се засолнети во „тмурни“ објекти. Таа додаде дека ова е тешко да се сфати во САД, која има „богата историја на помагање деца на кои им е потребна помош низ целиот свет“.

Фотографиите, исто така, поттикнаа многумина од демократските кандидати за претседател да ја критикуваат американската имиграциона политика.

„Трамп е одговорен за овие смртни случаи“, рече поранешниот републиканец од Тексас Бето О'Рурк во твит со прикачен линк до фотографијата.

Пит Бутигиг, градоначалник на Саут Бенд, Индијана, рече дека земјата треба да ја собере сета политичка волја за да го реши имиграцискиот систем. „Ако може да погледнете слична слика и да речете дека е прифатливо да се продолжи со тоа што го правевме, тогаш јас едноставно не го разбирам тоа“, рече тој.

Сенаторот Берни Сандерс од Вермонт на Фејсбук напиша: „Ова е ужасно. Политиката на Трамп сè повеќе да го отежнува барањето азил и да ги одвојува семејствата што го бараат е сурова, нехумана и доведува до вакви трагедии. Ние мора да ги запреме умирањата. Мора да ја вратиме хуманоста во нашиот имиграциски систем“.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе