Фон дер Лајен, која во тоа време беше германска министерка за одбрана, изјави дека била „вџашена“ и „длабоко загрижена“ од изјавата на Трамп од јануари 2017 година дека НАТО е застарено, пренесува Политико.
По прашината која се крена по коментарот на Трамп, Фон дер Лајен изјави дека Матис ја уверил дека „НАТО ќе остане темелот на американската надворешна политика“.
„Матис јасно даде до знаење дека за него НАТО е нешто што ја поврзува безбедноста на САД и Европа, и додаде дека многу му значи ставот на европските сојузници. Тој најде начин да го каже тоа со мирен тон среде бурата“, кажа Фон дер Лајен.
Таа го критикуваше Трамп за неговата закана дека ќе ја испрати американската војска на улиците за да ги разбие демонстрациите на почетокот на летото 2020 година, откако Американците демонстрираа по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Фалејќи го Матис за тоа што му се спротивставил на Трамп, претседателката на ЕК кажа дека Матис недвосмислено се огласил да ги осуди потезите за кои сметал дека предизвикуваат поделби и се спротивни на американските вредности.
„Неговата моќна реакција одекна широко, во Америка и подалеку. Неговите зборови нè потсетија дека постои подобра Америка“, додаде Фон дер Лајен.
Матис ја напушти функцијата во декември 2018 година, во знак на протест поради одлуката на Трамп да ги повлече американските трупи од Сирија.