Претседателката на Европската комисија

Фон дер Лаен: ЕУ не беше подготвена, не ѝ помогна навреме на Италија

ЕУ не беше подготвена за пандемија на коронавирус и не обезбеди навремена помош и поддршка за Италија кога беше најпотребно, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во обраќање до европратениците на седница на Европскиот парламент.

Како што рече, пандемијата не може да се победи без вистината, од вистината за бројките до онаа за можните последици, но и вистината за сопствените потези.

„Точно е дека никој не беше подготвен за ова. Исто така е точно дека премногу се доцнеше кога на Италија ѝ беше потребна помош во почетокот на кризата. Затоа е важно Европа како целина да испрати искрено извинување“, рече Фон дер Лаен.

Сепак, како што истакна таа, извинувањето само по себе не значи ништо и мора да биде придружено со промена во однесувањето.

„Вистина е и дека не помина многу време пред сите да сфатат дека мора да се штитиме еден со друг за да се заштитиме себеси“, додаде таа, истакнувајќи дека Европа во меѓувреме станала „срцето на светската солидарност“.

„Вистинската Европа стои исправено, онаа во која сме тука едни за други кога сме си најпотребни“, истакна претседателката на Европската комисија.

Таа посочи на голем број примери на европската солидарност, од лекарите од Полска или Романија што отишле во Италија да ги лечат заболените, преку транспортот на заразени лица од Швајцарија на лекување во Германија или од Франција во Чешка, до меѓусебна помош со медицинската опрема испратена од Литванија за Шпанија или од Данска за Италија.

„Тоа ме прави горда што сум Европејка“, рече Урсула фон дер Лаен.

Во својот говор таа им оддаде почит на сите оние што ги одржуваат системите во живот, од возачите и работниците во продавници, преку компаниите што ги приспособиле своите производствени линии за изработка на потребните резерви, до луѓето што ракоплескаат од балконите.

Сепак, таа ги нарече „херои“ и медицински професионалци што „ги штитат нашите животи и чест“, наведувајќи дека „нив мора да ги заштитиме за да можат тие да нè заштитат нас“.

„Со пакетот помош за кој гласаат пратениците на оваа седница, Европа става на маса сè што има за да направи сè што може“, истакна Фон дер Лаен и додаде дека за четири недели ЕУ направила многу повеќе отколку за четири години во текот на претходната економска криза.

Таа повтори дека долгорочниот буџет на ЕУ што е во изградба треба да биде т.н. „Маршалов план“ за Европа, односно дека треба да биде основа за реконструкција на економијата на ЕУ по пандемијата.

„Ни требаат иновативни решенија и повеќе простор во долгорочниот буџет на Унијата за да овозможиме големи јавни и приватни инвестиции, кои ќе ја обноват нашата економија и ќе го насочат нашето закрепнување кон поотпорна, зелена и дигитална Европа“, рече Урсула фон дер Лаен.

Таа смета дека европската солидарност допрва треба да се покаже, имајќи го предвид не само коронавирусот, туку и „асиметријата“ на економската криза што е на прагот.

„Некои региони побрзо ќе излезат од кризата, додека на други им претстојат тешки времиња. Поради тоа нашето единство ќе биде поважно од кога било“, истакна претседателката на Европската комисија.

„Затоа Европа мора да ги остави настрана сите разлики и поделби и мора да дејствува единствено“, рече таа, заклучувајќи дека во новиот свет се потребни храброст, доверба и солидарност.

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе