За Дојче веле

Вершецк: Орбан сака вечно да владее

Унгарскиот парламент усвои измени во законите и деловникот што практично ја замолчуваат опозицијата.

Виктор Орбан е подготвен на сè само да не ја изгуби власта, пишува во својот коментар Кену Вершецк, дописник на Дојче веле од Будимпешта.

За унгарскиот премиер Виктор Орбан, очигледно ништо не е поважно од останувањето на власт. Тој само сака да биде газда во државата.

Затоа Виктор Орбан поразот на изборите го смета како лична навреда. Откако на изненадување на многумина во 2002 година изгуби на изборите, тој даде изјава по која остана познат: „Татковината не може да биде во опозиција“.

Кога рече „татковина“, тој мислеше на својата партија Фидес, неговите избирачи и пред сè на самиот себе. Во круговите блиски до Орбан се вели дека по поразот паднал во криза. Тој, исто така, се заколнал дека ако повторно стане премиер, ќе стори сè за никогаш да не изгуби.

Сепак, не успеа. По 13 години тој повторно изгуби - во октомври опозицијата победи на локалните избори во многу важни градови, вклучително и Будимпешта, што има посебно симболично значење.

Ова беше доказ дека системот на Орбан, кој на сите начини ја разбива опозицијата, сепак не е непобедлив. Пред гласањето, премиерот ја нарече опозицијата „мизерна“, а потоа од тие „мизерните“ изгуби.

Сега го возвраќа ударот, за да се обезбеди себе си и својот систем од загуба на власта на национално ниво. Парламентот деновиве усвои нови законски одредби, а планирани се и повеќе. Тие се движат од ограничување на формирањето парламентарни групи, преку поголема контрола во културниот сектор, до понатамошно намалување на даночниот суверенитет на општините.

Особено драстични се регулативите за наводни прекршувања на пратениците за време на седниците на Собранието. Прописите му даваат на претседателот на собранието толку голема моќ и сила за финансиски санкции што опозицијата практично може да ја замолчи.

Уште од измените на деловникот пред пет години, унгарскиот парламент главно е чиста гласачка машина, а опозицијата е само декорација. Претседателот на парламентот Ласло Ковер поддржувач на десничарските теории на заговор, не ја пропушта можноста да ги казни пратениците од опозицијата или новинарите кои известуваат за работата на парламентот.

Орбан во последните месеци делува прилично умерено. Воглавно избегнува бранувања бидејќи сакал да му ја обезбеди позицијата еврокомесар за проширување на свој човек. Таа влијателна позиција ѝ дава на Унгарија многу простор во политиката кон Западен Балкан и поддршка на авторитарните лидери на регионот. Маневрот на Орбан успеа.

Од денот кога Оливер Вархељ е назначен за комесар за проширување, Орбан повторно пука рафално: против американскиот милијардер Сорос, против граѓанското општество и опозицијата, против „декадентниот“ либерален Запад. Тој пука со зборови и пука со закони.

Ова уште еднаш покажува дека не треба да се има илузии за Орбан. Антидемократската трансформација на Унгарија ќе продолжи, Орбан се повеќе ќе ги поместува границите на својата наводна демократија во правец на авторитарен, диктаторски систем.

Фактот дека унгарскиот парламент е повторно деградиран, токму кога Брисел се занимава со Унгарија заради кршење на владеењето на правото, покажува што всушност Орбан мисли за ЕУ и европските вредности.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе