четврток, 28 март 2024

УНЕСКО стигна и во Струга, проверува дали и како се штити крајбрежјето

Градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко денеска се сретна со реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион. Претходно средба оствари и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. И министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид остварила работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што соопшти општинската прес-служба, било разговарано за моменталната состојба со крајбрежјето и предизвиците со кои се соочува Општина Струга, како и кои се најсоодветни чекори за во иднина со цел заштита на крајбрежјето и подобра урбана организација.

„Целта на средбата беше проценка на моменталната состојба на заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и споделување насоки за идните активности за соодветна заштита“, пишува во информацијата.

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид остварила работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Средбата се одржала во Завод и Музеј-Охрид, а учествувале и членовите на Националниот координативен тим од Македонија и директорката Ирена Шајн.

„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцирала Костадиновска – Стојчевска, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Во соопштението се додава дека министерката со македонските експерти ги информирала членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

„Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО, со цел  да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски“, пишува во соопштението.

Средбата била дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата, во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ , во Албанија и во Македонија.

Претходно средба оствари и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ