Мети биле Украина и други држави во Источна Европа

Фејсбук разбил операција на руските разузнавачки служби

Компанијата Фејсбук соопшти дека разбила мрежа профили кои ги користела руската воена разузнавачка служба за на интернет да шири лажни вести. Мета бiла Украина, но и други земји во Источна Европа, пренесува Ројтерс.

„Иако лицата кои стојат зад оваа мрежа се обиделе да ги скријат идентитетот и координацијата, нашата истрага откри врски со руските воено-разузнавачки служби“, се наведува во соопштението на Фејсбук.

Фејсбук, кој се обидува да ги спречи владите и политичките групи да ја користат неговата платформа за ширење лажни или збунувачки информации, редовно објавува дека укинал кампањи за дезинформирање кои ги спровеле одредени држави, вклучувајќи ја Русија, пишува Ројтерс.

Москва претходно ги отфрлаше обвинувањата на Западот за политичко мешање, вклучувајќи го откритието на американскиот специјален истражител Роберт Малер дека користела профили на социјалните мрежи во обид да влијае врз претседателските избори во САД во 2016.

Шефот на Фејсбук за сајбер безбедност Натаниел Глајхер кажа дека во најновата руска операција биле користени над 100 профили на Фејсбук и Инстаграм за креирање измислени личности, кои често се претставувале како новинари во земјите кои биле мети.

Од тие профили потоа биле контактирани локални медиуми и политичари за подметнување лажни приказни за политички чувствителните прашања како корупцијата, етничките тензии на Крим и соборувањето на малезискиот патнички авион во Украина во 2014.

„Одамна знаеме дека тие луѓе бараат автентични гласови за да ги шират своите приказни“, кажа Глајхер за Ројтерс.

„Тоа е сѐ повеќе класична разузнавачка операција, обид за манипулирање со клучни поединци за да се постигне големо влијание“.

Истражители на фирмата Графика, која се занимава со анализа на социјалните мрежи, кажале дека повеќе активности датирале од 2016 и 2017, иако некои профили биле активни и оваа година.

Мрежата привлекла само неколку илјади следачи, но успеала да ја оствари целта на објавување написи во некои локални медиуми, вели Бен Нимо, шеф за истрага во Графика.

Лажните новинари правеле и интервјуа со критичари на Кремљ, наведувајќи ги да даваат невнимателни коментари и потоа ги споделувале тие пораки на интернет.

„Целта на операцијата била да се затруе изворот на информации со користење лажни профили за подметнување проруски и антизападни приказни на интернет и во локалните медиуми“, додава Нимо.

Фејсбук соопшти дека суспендирал и профили на две други групи, неповрзани со руската операција. Едната е поврзана со иранска мрежа чија мета биле САД, а другата со фирма за односи со јавноста во Виетнам.

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе

Перењето пари преку трансакции со недвижнини ги интегрира црните фондови во економијата, притоа обезбедувајќи сигурна инвестиција.

повеќе