Серискиот убиец во печатот бил наречен „манијакот од Волга“ затоа што многу од неговите наводни злосторства биле извршени во неколку региони што лежеле покрај реката Волга, најдолгата река во Европа. Убиствата се случиле во најмалку 12 различни градови.
Рускиот истражен комитет соопшти дека 38-годишниот Радик Тагиров признал дека убил 26 претежно постари жени во текот на 2011 и 2012 година. Тагиров е идентификуван со ДНК анализа, отпечаток на стапала и други докази од местото на злосторството.
Тагиров провалувал во станови на жени постари од 70 години, кои живееле сами, претставувајќи се како дистрибутер, електричар или мајстор, а потоа ги задавувал.
Во текот на 2011 и 2012 година, Тагиров „оперирал“ во Казан, Самара, Толијати, Ижевск, Уфа и други градови во близина на Волга. Бидејќи носел ракавици и го стерилизирал местото на злосторството по убиството и грабежот, на полицијата и требало долго време да го фати.
Се верува дека убивал на повеќе места на Урал, но не се знае точниот број на жртвите. Убиецот се притаил по 2013 година, но низата убиства во регионот во 2017 година, предизвикале стравувања дека се вратил.
Ако неговиот идентитет биде потврден, Тагиров ќе биде еден од 10 најлоши сериски убијци во историјата на Русија.