Фајзер започна клиничко испитување на вакцина против грип користејќи технологија на иРНК

Американската фармацевтска компанија Фајзер во понеделникот објави дека започна клиничко испитување, во рамки на кое ќе тестира вакцина против грип користејќи ја истата технологија на информациона рибонуклеинска киселина (иРНК) која стои зад нејзината успешна вакцина против ковид-19.

Фото: ЕПА

Научниците планираат да ја подобрат постоечката генерација вакцини против грип, кои се меѓу 40 и 60 проценти ефикасни во борбата против болеста која може да предизвика и до 650.000 смртни случаи годишно.

„Пандемијата ковид-19 ни овозможи да ги примениме големите научни потенцијали на технологијата на иРНК“, рече Кетрин Јансен раководителка за истражување вакцини во Фајзер.

„Грипот сè уште е област на медицината каде што гледаме потреба од унапредување на вакцините, со што би можело да се подобри нивната ефикасност без оглед на сезоната, и веруваме дека иРНК е идеалната технологија за спроведување на овој предизвик“.

Како дел од раната фаза на студијата, ќе бидат ангажирани повеќе од 600 Американци на возраст од 65 до 85 години, се вели на веб-страницата на компанијата, на која се објавени податоци од истражувањето.

Конкретно, експерти на Фајзер сакаат да ја споредат безбедноста и нивото на имунолошкиот одговор на вакцината базирана на иРНК за новоформираните рекомбинирани вируси на грип во различни количини во споредба со досегашната конвенционално лиценцирана вакцина за четирикратно рекомбиниран вирус.

Вообичаените сезонски вакцини против грип обично се произведуваат со одгледување на вирусот во пилешки јајца или во клетки на цицачи.

Вирусите се инактивираат и се обработуваат за да се претворат во вакцини. Овој процес е полн со предизвици, а еден од нив е производство на вакцини кои предизвикуваат силен одговор и следење на промените кај вирусите. Кога станува збор за вакцината за следната сезона на грип, експертите мора да ги предвидат најдобрите совпаѓања шест месеци однапред.

Предноста на технологијата на информационата рибонуклеинска киселина (иРНК) е тоа што ѝ треба само генетската секвенца на вирусот или одреден негов дел, што овозможува побрзо и пофлексибилно производство на вакцини.

Информационата рибонуклеинска киселина е обложена со липидни наночестички, со помош на кои навлегува во клетките, а тие го спречуваат нивното распаѓање.

Научниците од Фајзер започнаа да работат на вакцина против грип базирана на иРНК во 2018 година во соработка со германскиот партнер Бионтек.

Во иднина, Фајзер планира да спроведе истражување на вакцини базирани на иРНК и во борба против други респираторни вируси, но и рак и генетски болести.

Модерна, исто така, работи на слична вакцина против грип базирана на иРНК, како и на вакцина против респираторниот синцицијален вирус (РСВ), кој често предизвикува респираторни инфекции, и тие обично се манифестираат со симптоми на инфекции на горниот респираторен тракт, како настинка. Но, овој вирус може да предизвика и инфекции на долниот респираторен тракт, како бронхиолитис и пневмонија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе