Многу држави членки на ЕУ тврдат дека добиле помали пратки од вакцината против ковид-19 од очекуваните и на интерните состаноци негодуваат околу неизвесноста околу испораката на идните пратки.
„Ме увери дека лично ќе се позанимава со овој случај за што е можно побрзо да се надомести во моментов постоечкиот застој во производството. Му ја пренесов важната порака дека нам ни се итно потребни нарачаните дози за првиот квартал“, кажа Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија, која заедно со еврокомесарите е во работна посета на Португалија, наведе дека првите вакцини на Бајонтек/Фајзер веќе им се дадени на граѓаните низ ЕУ, а дека ревакцинацијата мора да се спроведе по четири недели.
„Постои и медицинска потреба да се придржуваме на она што е договорено со испораките“, кажа таа.
Претходно денес Фајзер ја известил ЕУ дека поради модификациите во погонот во европското седиште на компанијата во Пурс, Белгија, кое треба наместо 1,3 милијарди дози да се „надгради“ за две милијарди дози годишно, нема целосно да го исполни веќе ветениот обем на испорака во следните три до четири недели.
Вакцината која ја разви германската компанија Бајонтек а ја произведува американскиот фармацевтски џин Фајзер почна да се дистрибуира во ЕУ на крајот на декември.
Меѓутоа, третина од 27-те земји членки на ЕУ се жалат дека не добиле доволно дози од вакцината, што можело да се слушне на видео-конференцијата на министрите за здравство која се одржа во средата.
Многу земји реагираа и поради неизвесните рокови на испорака на идните пратки на вакцината.