Судот на ЕУ во средата ја отфрли жалбата на американскиот интернет гигант, тврдејќи дека тој навистина „ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот на пребарувачи давајќи незаконска предност на друг производ на Гугл, односно на услугата за споредба на цените на производи“.
„Со денешната пресуда, Општиот суд во голема мера ја отфрла тужбата поднесена од двете компании и ја потврдува казната изречена од Комисијата“, се вели во соопштението на Судот на ЕУ.
Гугл и посебната компанија, Алфабет, чиј дел е Гугл, поднесоа тужба против таа казна, изречена од Комисијата на 27 јуни 2017 година, пред Општиот суд на Европската унија.
Според одлуката на Комисијата, Гугл ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот на пребарувачи давајќи незаконска предност на својата услуга за споредба на цени. Истакнато место во резултатите од пребарувањето давал само на својата услуга за споредба на цени, додека на конкурентските услуги им го намалувал рангирањето. Ја задушувал конкуренцијата заснована на квалитет на пазарите при споредување на цените.
Гугл ја вовел таа практика во сите 13 земји од Европската економска област каде што ја вовел својата услуга за споредба на цените, почнувајќи со Германија и Обединетото Кралство во јануари 2008 година. Потоа ја проширил практиката во Франција во октомври 2010 година, Италија, Холандија и Шпанија во мај 2011 година, Чешка во февруари 2013 година и Австрија, Белгија, Данска, Норвешка, Полска и Шведска во ноември 2013 година.
Казната која Комисијата му ја изрече на Гугл во 2017 година беше рекордна во тоа време, а тој рекорд беше надминат во септември 2018 година, кога Комисијата го казни Гугл со 4,3 милијарди евра во друг случај.
Оваа пресуда, која во голема мера ја потврди одлуката на Комисијата, беше голем тест за извршната потпретседателка на Комисијата задолжена за пазарна конкуренција, откако загуби случај против Епл за даночни олеснувања во Ирска.