Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изјави дека Европската Унија треба да го засили притисокот на рускиот претседател Владимир Путин по, како што кажа, „гнасните злосторства“ во градот Буча кај Киев, каде беа најдени тела на убиени цивили, со врзани раце, рани од куршуми испукани од близина и трагови на мачење.
Фон дер Лаен кажа дека со забрана на увозот на јаглен Русија би останала покуса за четири милијарди евра годишно и додаде дека ЕУ веќе почнала да работи на дополнителни санкции против Русија, кои го опфаќаат и увозот на нафта.
„Заземањето јасен став не е клучно само за нас во Европа, туку и за остатокот од светот. Јасен став против војната на Путин. Јасен став против масакрот на цивили. И јасен став против кршењето на основните принципи на светскиот поредок“, кажа Фон дер Лаен.
Предлогот за забрана за увоз на руски јаглен е дел од пакетот на санкции против Москва и мора да биде усвоен едногласно, односно мора да го поддржат сите 27 земји членки на ЕУ.
Фон дер Лаен не го спомна рускиот природен гас во контекст на санкциите. Меѓу 27 земји на ЕУ не би било лесно да се обезбеди консензус за забрана на рускиот гас, кој се користи за производство на струја и за греење, бидејќи на тоа се противат членки зависни од гасот како Германија.
ЕУ досега не сакаше да воведува санкции на руските енергенси стравувајќи дека со тоа би ја турнала европската економија во рецесија. Зависноста на Европа од руската нафта, природниот гас и јагленот значи дека постигнување на консензусот е тешка задача, иако неодамнешните тврдења за убиства на цивили го зголемија притисокот за заострување на санкциите на Русија.
САД и Британија го сопреа увозот на руска нафта, а одделни земји од ЕУ најавија дека ќе ја намалат енергетската зависност од Русија. Полска соопшти дека планира да го блокира увозот на јаглен и гас од Русија, додека Литванија го прекина увозот на руски природен гас.
Останатите мерки кои ги предложи Европската комисија вклучуваат санкции за повеќе поединци и четири клучни руски банки, меѓу кои и ВТБ, втората по големи во таа земја.
Новиот пакет санкции против Русија вклучува и забрана за влегување на руските бродови со кои управува Москва во пристаништата на ЕУ, освен во случај на земјоделски и прехранбени производи, хуманитарна помош и енергенси.
Предложена е и забрана за увоз од Русија во секторите кои ги покриваат квантните компјутери, напредните полупроводници, чувствителните машини и транспортната опрема, со што Москва би останала без десет милијарди евра годишно.