Европската комисија предложи на Украина да и се обезбеди заем со повластени услови во износ од пет милијарди евра, со цел да се спречи нејзиниот финансиски колапс.
„На Украина итно ѝ е потребна краткорочна поддршка за да ги одржи основните јавни услуги и да постигне одреден степен на економска и финансиска стабилност, а со оваа исклучителна макрофинансиска помош од пет милијарди евра, Европската унија уште еднаш ја покажува својата посветеност да го поддржи Киев. “ изјави извршниот потпретседател на ЕК.
Станува збор за втора рата од поголемиот пакет од девет милијарди евра макрофинансиска помош што беше најавена во мај, а беше стопирана поради неподготвеноста на Германија да обезбеди гаранции за заемите, бидејќи се залагаше за грантови.
Поради оваа причина Комисијата во јули обезбеди заем од една милијарда евра, кој го поддржува буџетот на ЕУ, но потребна и е поддршка од членките за да се обезбеди буџетска поддршка за понатамошните транши.
Предлогот за обезбедување заеми во износ од пет милијарди треба да го одобрат Европскиот парламент и Советот на ЕУ.