Меркел кон крајот на февруари го осуди нападот на Русија на Украина. Од нејзиниот кабинет за агенцијата ДПА беше соопштено дека нејзината изјава и понатаму важи и дека не е планирано понатамошно јавно изјаснување.
Нејзиниот портпарол додаде дека Меркел во моментов е на приватно патување во Италија.
Италијанскиот весник Ла национе објави фотографии од Меркел во Фиренца, каде во придружба на поранешната амбасадорка во Ватикан Анете Шаван, посетува музеи.
Меркел го осуди рускиот напад на Украина во пишана изјава и ги поддржа напорите на нејзиниот наследник канцеларот Олаф Шолц за сопирање на оружениот конфликт.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Меркел дека сноси дел од одговорноста за актуелните случувања бидејќи НАТО во 2008 година го одбил приемот на Украина токму поради нејзиното залагање. Покрај тоа, полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Меркел за „водење погрешна политика кон Русија“.
„Госпоѓо канцеларка, молчите од почетокот на војната. Притоа токму политиката на Германија во изминатите 10-15 години доведе до тоа Русија сега да има сила заснована на монополот на продажба на суровини“, смета Моравјецки.