сабота, 13 декември 2025

ЕУ за самитот со Кина: Не се сложивме за ништо околу Украина

Објавено на

часот

Сподели

Високиот комесар за надворешни работи и безбедност на ЕУ одговараше на прашања на пратениците за 23-от самит на ЕУ и Кина.

На самитот одржан на 1 април ЕУ на виртуелната средба со кинескиот премиер Ли Кечијанг и претседателот Си Џинпинг ја претставуваа претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, Урсула фон дер Лаен и Шарл Мишел.

„Кина изрази двосмислен став за војната во Украина. Баравме да ги стави картите на маса и да биде дел од решението за да се стави крај на војната. Избегнуваа да ја осудат Русија, тоа не беше вистински дијалог, туку дијалог на глуви“, кажа Борел. Што се однесува до Украина, истакна тој, „за ништо не се сложивме“.

Призна дека односите со Кина не се онакви какви што сака Брисел бидејќи Кина сè повеќе се афирмира на домашен и меѓународен план и дека е јасно дека не ги дели истите политички вредности како ЕУ.

Кажа дека Мишел и Фон дер Лаен барале од Кина да го искористи своето влијание на Москва за да се постигне прекин на огнот и да се воспостават хуманитарни коридори, но дека на ништо не се обврзале. „Исто така дадовме до знаење дека сметаме дека секое заобиколување на санкциите кон Русија би имало сериозни последици и би им наштетило на нашите односи“, кажа Борел.

Според него, „Кина не може да биде одговорна светска сила ако ги затвора очите и ушите кога ѝ е непријатно бидејќи добро се знае кој е агресорот. Кина од политички причини одбива да го именува агресорот“, кажа Борел.

Европската Унија од Кина побарала и да ги укине несразмерните санкции кон некои европски лидери и интелектуалци, од кои некои се пратеници во Европскиот парламент. „Сè додека се на сила, нема можност да се продолжи со договорот за соработка и трговија“, порача Борел.

Брисел од Кина очекува и да биде поголем донатор на хуманитарна помош од сега. ЕУ е особено загрижена за состојбата на човековите права во Синџијанг, Тибет и внатрешна Монголија и наводното кршење на принципот „една држава, два системи“ во Хонг Конг.

Голема загриженост, кажа Борел, владее и за поморската безбедност во Јужното Кинеско Море и Тајванскиот теснец. Единственото нешто што двете страни со сигурност го договориле е продолжување на соработката за климатските промени и пандемијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ