Корисниците повеќе нема да се манипулираат

ЕУ воведува огромни промени за Гугл, Фејсбук: „Ова е крај на интернетот каков што го знаеме“

На пленарната седница европратениците ги прифатија новите стандарди за поправеден дигитален пазар и побезбеден дигитален простор за корисниците, содржани во Актот за дигитални услуги и Актот за дигитални пазари, кои ги регулираат интернет-платформите.

Фото: ЕПА

Според Актот за дигитални услуги, кој на последното гласање беше усвоен со 539 гласа за, 54 против и 30 воздржани, онлајн-платформите - како што се социјалните мрежи и онлајн-пазарите - ќе мора да преземат мерки за да ги заштитат своите корисници од нелегални содржини и стоки.

„Мораме да се погрижиме да нема негативни последици за малолетниците, за сите деца, луѓето да не се охрабруваат да купуваат на нелегален начин. Дигиталната средина треба да биде побезбедна и тоа е она што ќе го воспоставиме. Платформите треба да им дадат на корисниците повеќе информации“, рече известувачката, социјалдемократката Кристел Шалдемозе, за време на дебатата во понеделникот.

Построги обврски за големите платформи

Мошне големите интернет-платформи и услуги ќе подлежат на построги обврски, сразмерни на ризиците што тие ги претставуваат за општеството. Големите технолошки компании ќе мора да работат потранспарентно, да дејствуваат против ширењето дезинформации, нелегални содржини, да ги потиснуваат негативните ефекти врз основните права и да бидат предмет на независни ревизии.

Фото: ЕПА

„Најголемите платформи мора да ги направат своите алгоритми транспарентни. Доколку алгоритмите упатуваат на нелегална содржина, на дезинформации или на теории на заговор, можеме да реагираме бидејќи тоа е нешто што може да има негативни последици за нас. Затоа, алгоритмите треба да бидат достапни за институциите, владите, надлежните тела, за да можат навистина да ја следат ситуацијата“, додаде Шалдемозе.

Во фокусот на Актот за дигитални пазари, усвоен со 588 гласа за, 11 против и 31 воздржан, се неправедните практики на најголемите интернет-платформи, кои дејствуваат како надзорници на пристапот до дигиталниот пазар, како што се социјалните мрежи и пребарувачите.

„Платформите сега ќе треба да се погрижат за законитоста на содржината што ја нудат. Ќе мора да ги почитуваат правилата на пазарната конкуренција. Самите компании, а не само Комисијата, ќе мора да се погрижат слободната пазарна конкуренција на нивните платформи да биде дозволена“, рече известувачот Андреас Шваб (ЕПП) во заедничката дебата за актите во понеделникот.

„Корисниците повеќе нема да може да бидат манипулирани“

Се појавија некои многу големи играчи, кои станаа многу моќни и кои никој не ги контролира, а даваат услуги за интернет-посредување, социјални мрежи, интернет-пребарувачи, оперативни системи, услуги за онлајн-рекламирање, компјутери во облак и услуги за споделување видеа, се вели.

„Поради употребата на овие прописи, социјалните мрежи и платформите ќе мора да обезбедат правична употреба и пристапот повеќе нема да функционира според принципот ‘кој е посилен, тој угнетува’. Корисниците повеќе нема да можат така лесно да се манипулираат. Ние во Европската Унија ги сакаме најдобрите компании, а не само најголемите“, додаде Шваб.

Комесарот на Европската комисија за внатрешен пазар Тиери Бретон во понеделникот изјави дека големите платформи повеќе не можат да кажат дека се само посредници, туку дека се одговорни и за содржината.

Фото: ЕПА

„Сега е даден пристап до големиот дигитален пазар, каде што се применуваат едноставни, правични и транспарентни правила. Даваме можност да се отвори таа црна кутија на алгоритми што платформите предолго ги користеа како маска под која често ги прекршуваа интересите на нашите граѓани“, рече Бретон.

Хрватската социјалистичка пратеничка Билјана Борзан рече дека овие закони „ќе го променат интернетот каков што го знаеме и ќе воспостават стандард за заштита на граѓаните на светско ниво“.

„Со текот на годините интернетот стана див запад. Секој таму може лажно да се претставува, секој може да го следи секого, да му ги зема податоците, да мами, да оштетува финансиски, секој може да каже и да напише нешто лошо и лажно за секого без никакви последици. Предолго нашите граѓани беа препуштени на самоволието на Гугл и Фејсбук, кои многу профитираа од нашите податоци, дури и од оние најчувствителните“, рече Борзан.

Контролорите на пристапот повеќе не смеат да им даваат приоритет на сопствените производи и услуги ниту да ги обработуваат личните податоци на корисниците за насочено рекламирање, освен ако имаат изречна согласност.

Им се закануваат огромни казни

Доколку ги прекршуваат новите правила, тие ќе бидат казнети најмногу до 10 отсто од нивниот вкупен промет во светот во претходната финансиска година или најмногу до 20 отсто во случај на повторени прекршувања.

Откако Советот официјално ќе ги усвои, двата акти ќе бидат објавени во Службениот весник на ЕУ и ќе стапат во сила дваесет дена по објавувањето, соопшти Европскиот парламент.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе