Агенцијата додава дека се работи за потег што може да го наруши планот за дистрибуција на вакцини на Светската здравствена организација (СЗО).
Планот, изработен од француската влада, за прв пат јасно зборува за европска донација на вакцини, што досега се сметало само како опција доколку европскиот блок на крај има вишок дози.
Доколку се реализира, планот ќе нанесе удар врз глобалната иницијатива за купување и дистрибуција на вакцини, позната како Ковакс, што се спроведува во соработка со СЗО.
Глобалната иницијатива Ковакс, која заедно ја започнаа СЗО и Алијансата за вакцини (ГАВИ), ја надмина зададената цел во средината на ноември за собирање на повеќе од 2 милијарди долари за купување и дистрибуција на вакцини против ковид-19 на сиромашните земји, но предупреди дека сè уште ѝ недостигаат средства.
Ковакс има за цел да испорача две милијарди дози до крајот на следната година на најмалку 20 проценти од луѓето ширум светот на кои им е најпотребна помош.
Според францускиот план, кој треба да го одобрат другите членки на ЕУ, ЕУ може да им донира на сиромашните земји до 65 милиони дози вакцини.
Тоа би биле пет проценти од 1,3 милијарди дози што ЕУ досега ги обезбеди преку договори за набавка со шест компании. Тоа се Фајзер/Бајонтек, Модерна, Џонсон и Џонсон, Астра Зенека/Оксфорд, Санофи/ГСК и Кјурвак.
Со цел да се намалат трошоците, вакцините би се доставувале директно од производителите кои имаат договори со Унијата.
Во документот се наведува дека ова би бил најефективниот начин да се постигне амбициозниот план за вакцината како јавно добро.
Со донираната вакцина би можеле да се вакцинираат 16 милиони здравствени работници во 62 сиромашни земји, а од донациите корист може да имаат лекарите и медицинските сестри во останатите 54 земји со ниски примања.
Ковакс тешко доаѓа до нарачка за вакцини затоа што богатите земји резервираа поголем дел од достапните количини, вклучително и земјите од ЕУ кои и покрај тоа што учествуваат во финансирањето на СЗО, избегнуваат да купуваат вакцини преку таа организација на ООН затоа што не сакаат количините да им бидат ограничени на 20 проценти од нивната популација.
Европската унија, која има 450 милиони жители, се очекува во наредните месеци да прими не повеќе од 280 милиони дози од вакцините Фајзер/Бајонтек и Модерна, по одобрението од Европската агенција за лекови.
Членките на ЕУ веројатно нема да донираат дел од своите почетни ограничени залихи.
СЗО, чии претставници се критични настроени кон францускиот план, ќе расправаат за тој документ денес.