ЕУ предупреди на можен судир на Турција и Русија во Сирија

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел предупреди на можен судир меѓу руските и турските сили во Сирија. Тој ги повика Европејците да најдат начин да влијаат врз решението на тој конфликт.

„Сведоци сме на судири меѓу сирискиот режим и турските сили, а да не го спомнуваме ризикот од судир на турските и руските војници“, кажа синоќа во Европскиот парламент Борел во говор чиј текст денес го објави неговата служба.

Тие тензии би можеле да почнат поширок регионален судир, кажа тој и се заложи за тоа да се применува прекинот на огнот што го договорија Анкара и Москва.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе го напаѓа сирискиот режим „и на копно и во воздух“ во случај на нови напади врз турските сили во Сирија и ја обвини Русија дека учествува во „масакрот“ на цивилите на северозападот на земјата.

Борел вечерва учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Турција е членка на НАТО и нејзините акции во Сирија и Либија им пречат на повеќето нејзини партнери во Алијансата.

„Тоа што Европската Унија не може да влијае врз сириската криза предизвикува чувство на фрустрација, бидејќи Европската Унија е немоќна“, им кажа Борел вчера на европратениците.

Тој кажа дека ништо не значи тоа што ЕУ кажува дека борбите треба да прекинат, дека треба нешто да се направи, туку дека прашањето е со каква сила и со кој капацитет може да влијае врз учесниците во тој конфликт. Борел кажа дека ЕУ нема средства да го спроведе тоа што го бара.

Според него, ЕУ со години зборувала дека нема воено решение за конфликтот во Сирија, а дека на крајот има воено решение и тоа од страна на оние кои се во состојба да користат воени средства.

„Европа не е во таа позиција, ние стално го повикуваме секого да ги прекине нападите врз цивилното население, да прекинат со спречување на хуманитарниот пристап. Но знаеме дека станува збор за начелна изјава која не е поддржана од никаква сила која може да се спроведе во дело“, кажа Борел.

„Ако сакаме навистина да бидеме геополитички играч, треба да дејствуваме и да ги имаме средствата за тоа да го направиме. Во спротивно, ќе продолжиме да одржуваме парламентарни седници како оваа за да продолжиме да зборуваме дека треба, треба, треба“, предупреди Борел.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе