петок, 10 мај 2024

Путин го предложи Михаил Мишустин за премиер на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.

И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и значајни позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.

„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната Дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за премиерската функција. Пратениците денеска ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на своите избирачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата за размена на пораки Телеграм.

Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој првпат го номинираше Мишустин за премиер во јануари 2020 година, кога владата на чело со Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.

Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин ѝ ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ