„Состојбата со вакцините е добра. Предизвикот е огромен, сепак, ние брзо реагиравме“, рече Бретон на заедничката прес-конференција со италијанскиот министер за економски развој Џанкарло Џорети.
„Цврсто верувам дека Европа е кадарна побрзо да ги доставува вакцините и мислам дека до крајот на годинава ќе можеме да ги вакцинираме сите европски граѓани“, посочи тој.
„До крајот на годината, Европа ќе може да произведува две до три милијарди дози вакцини годишно“, рече тој. „Европа е прв континент по производството на вакцина, а потоа следат САД со две милијарди (…). Со ЕУ и Соединетите Држави, можеме да сметаме на пет милијарди дози годишно за целиот свет“, заклучи тој.
Италијанскиот премиер Марио Драги во средата вечерта ја замоли претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен да ги „забрза“ европските активности за пандемијата „што се однесува на вакцините“.
Доцнењата во испораката на вакцини против ковид-19, чија набавка на европско ниво е организирана од Европската комисија, се предмет на критика во многу земји-членки.