„Формалното усвојување санкции бара процедура и мислам дека во текот на оваа недела нема да има формално усвојување санкции“, кажа Борел. Кажа дека прашањето на енергетиката го поставиле некои министри, но дека „денес не е ден за таква одлука, туку за анализа на можните идни дејства“.
Борел кажа дека треба да постои „ефикасен одговор кој нема да доведе до неподнослива цена за државите членки“.
Министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа во Брисел за да разговараат за понатамошни санкции против Русија. Но, по четирите рунди сеопфатни санкции во текот на три недели, се појавија тензии, пишува Гардијан. Балтичките држави и Полска повикуваат на построги мерки, вклучувајќи ембарго на нафтата, додека Германија стравува дека краткорочна забрана на енергенсите би можела да предизвика невработеност и недостиг од гориво.
Некои земји, вклучувајќи ја Унгарија, гледаат на санкциите против снабдувањето со енергија како црвена линија. Шефот на унгарската дипломатија ги повика своите колеги да не даваат предлози за ограничување или прекин на снабдувањето со енергија од Русија бидејќи „таквата одлука би довела до разединување на Европа“.
„Некои земји зависат од снабдувањето со руска енергија. Не го правиме ова од забава. Снабдувањето со енергија не е филозофско или идеолошко прашање, туку физичко, математичко. Интересите на Унгарија се многу јасни, сакаме да останеме надвор од оваа војна“, кажа Петер Сијарто.