На неформалната средба на шефовите на дипломатиите

ЕУ: Косово е покането во Хелсинки поради „неопходност и корист“

Сите шест партнери од западниот Балкан, меѓу кои и Косово, се поканети на крајот на август да присуствуваат на неформалната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Хелсинки.

Тема на разговорите ќе биде регионалната соработка. Шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини за првпат официјално, покрај министрите на земјите кандидати, ги повика и шефовите на дипломатиите на Косово и БиХ да присуствуваат на неформалната средба на Советот на министрите на ЕУ, која на 28 и 29 август ќе се одржи во Хелсинки.

„Партнерите од западниот Балкан се повикани на неформалната средба на министрите за надворешни работи во Хелсинки поради важната дискусија за тоа како да се напредува во регионалната соработка“, порача портпаролот на ЕУ.

На прашањето на Танјуг дали поканата за Беџет Пацоли, министерот на Косово, кое не е ни кандидат за членство, ниту е призната држава од страна на сите членки на ЕУ, значи и промена на пристапот, односно форматот на досегашната пракса на средби на министрите на земјите на ЕУ со министрите на земјите кандидати, од Брисел порачуваат дека станува збор за покана поради „неопходност и корист“ од учество на сите од западен Балкан.

„Сите шест партнери од западен Балкан се повикани на овие разговори. Станува збор за неформална дискусија за сите заеднички надворешни и безбедносни аспекти на регионалната соработка и неопходно е и корисно учеството на сите партнери“, заклучи портпаролот на ЕУ.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини реши на последната неофицијална средба на Советот на ЕУ со која таа ќе претседава наместо земјите кандидати да ги повика сите партнери од западниот Балкан.

Шефот на дипломатијата на Србија Ивица Дачиќ го окарактеризира овој потег на Могерини како „преседан“ во кој е поканета „територија“ која е „далеку од статусот кандидат за членство“. „Очигледно на крајот на својот мандат таа сака да покаже дека нешто направила за Косово, но тоа не е коректно кон Србија“, порача Дачиќ.

Косовскиот министер Беџет Пацоли и претходно присуствуваше на неформалните средби на шефовите на дипломатиите на ЕУ и земјите кандидати, каде на маргините одржуваше билатерални средби. Ова е прв пат да добие официјална покана од високата претставничка за надворешна политика и безбедност.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе